Градот Скопје во четвртокот ги започна градежните работи од проектот за реконструкција на коловозот на улицата „Александар Урдаревски“ во Општина Бутел. На почетокот на градежните работи присуствуваа гардоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Бутел, Петре Латиновски.
„Градот Скопје ги продолжува инвестициите во комуналната инфраструктура на територијата на општина Бутел. Изминатиов период активно се работи на реализацијата на првата фаза од капиталниот проект за изградба на булевар “Христијан Тодоровски Карпош’, минатата недела ја започнавме и реконструкцијата на улицата ‘Втора македонска бригада’, а денеска сме тука за да ја започнеме реконструкцијата на улицата ‘Александар Урдаревски’. Оваа сообраќајница ќе се реконструира од крстосницата со улица „Бутелска“ до крстосницата која води кон влезот во гробиштата Бутел. Со овој градежен зафат, во должина од 808 метри и ширина од 6,5 метри ќе биде извадена старата и оштетена коцка и ќе биде нанесен нов асфалт. На овој потег на улицата од двете страни ќе бидат изградени нови тротоари со ширина од по два метра“, рече градоначалникот Трајановски.
Градоначaлникот Латиновски искажа благодарност за реализацијата на овој проект, бидејќи со истиот ќе се подобри сообраќајот на оваа улица која е во многу лоша состојба, а со изградбата на тротоарите ќе се подобри безбедноста на пешаците.
Во текот на градежните работи на оваа делница, во должина од околу 300 метри ќе биде поставена нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, а ќе бидат поставени нови сливници и шахти. По должината на улицата ќе биде обновено и осветлувањето и ќе бидат поставени 27 столбови за осветлување.
На терен ќе работат екипите на градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар, а за овој градежен зафат, Градот Скопје ќе издвои околу 18,5 милиони денари.