По двојниот триумф што го постигна Никола Груевски на неодамнешните претседателски и предвремени парламентарни избори во Македонија, случувања кои што ја потврдија неговата семоќ во земјата, утре во Њујорк ќе се одржи нова рунда разговори за прашањето за името, објавува грчкиот весник „Катимерини“.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, провладиниот весник отворено пишува дека фактот што македонскиот премиер ја гради македонската национална свест го предизвикувало гневот на соседите, а често и непријатности со меѓународната заедница.
По двојната победа, грчката страна и натаму негодува за позициите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во однос на проблемот што го имаат со нашето уставно име, додека СДСМ и нивниот претседателски кандидат и натаму се претставени како умерени и флексибилни во однос на името.
„Претседателот Ѓорѓе Иванов, изборот на Груевски, беше реизбран со 55 отсто од гласовите во втората рунда, поразувајќи го умерениот политиколог и поранешен советник на Трајковски и на Црвенковски, Стево Пендаровски”, се вели во текстот.
И „Катимерини“ ги пренесува последните случувања со непризнавањето на изборните резултати од страна на СДСМ, тврдејќи дека наводната кршлива политичка клима во земјата, окарактеризирана со недостиг на дијалог меѓу владата и опозицијата, станала експлозивна.
Голем дел од експертската јавност во Македонија предупредува дека ваквото однесување на СДСМ целосно им оди во прилог на Грците и им дава аргументи за уривање на македонските позиции во НАТО и во Европската Унија.