„Градежни блокови на животот“ пронајдени на астероид блиску до Земјата

Примероците од карпи и прашина собрани од американската вселенска агенција NASA на астероидот Бену ги содржат хемиските основи за живот, според истражувањето кое обезбедува некои од најдобрите докази досега за можноста вселенските тела да донеле состојки на Земјата што овозможиле развој на живи организми.

Роботското вселенско летало „OSIRIS-Rex“ на NASA во 2020 година собра примероци од овој астероид блиску до Земјата, дел од некогаш поголемото астрономско тело кое се формирало во Сончевиот систем на самиот почеток, пред околу 4,5 милијарди години.

Примероците се вратија на Земјата во 2023 година во капсула што слета во пустината Јута. Две анализи на примероци беа објавени во средата.

Онаa објавено во списанието Nature Astronomy наведува дека е пронајдена мешавина од различни органски соединенија. Списанието Nature известува дека пронајдените минерали се формирале кога солената вода испарила од помасивното тело од кое се одвоил Бену.

Примероците содржеле 14 од 20-те аминокиселини кои градат протеини во живите организми. Пронајдени се и пет нуклеобази, основните компоненти на ДНК и РНК во организмите на нашата планета.

Во раните почетоци на нашиот систем, планетите и нивните месечини биле „цели“ на астероиди и други вселенски тела кои на нив носеле вода и други органски соединенија.

„Откривањето на овие градежни блокови на животот во примероците од Бену ја поддржува теоријата дека астероидите и нивните фрагменти ја засеале раната Земја со суровините што доведоа до појава на животот“, рече астробиологот на NASA, Дени Главин.

„Натаму, фактот дека овие хемиски градбени блокови на животот можат да се формираат во вселената и се широко распространети низ Сончевиот систем, ги зголемува шансите дека животот би можел да се појави надвор од Земјата“, додаде Главин.

Органските соединенија пронајдени на овој астероид претходно биле идентификувани во метеоритите кои паднале на Земјата. Но, тогаш постоеше сомнеж дека тие се контаминирани од копнени извори, додека примероците од Бену беа добиени директно од астероидот и пристигнаа на Земјата недопрени.

„Можеме да им веруваме на овие резултати“, нагласи Главин.