Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов заедно со градоначалникот Жика Стојановски присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот на новиот објект во рамки на градинката „Гоце Делчев“ во населеното место Марино, Општина Илинден. Тоа е нова инвестиција од страна на Општина Илинден во соработка со министерството за труд и социјална политика. Изградбата на овој објект ќе чини околу 15.000.000 денари, дополнително за опремување од страна на Министерството за труд и социјална политика обезбедени се околу 4.000.000 денари.
-Очекуваме до крајот на годината да се заврши овој објект и да се пушти во употреба со што значително ќе се зголеми капацитетот на постоечката градинка. Би сакал да истакнам дека Владата, во соработка со Општина Илинден, изминатите неколку години интензивно инвестира во создавање и градење на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст. За прв пат во 2009. беше направен објект и отворена детска градинка со капацитет од 80 деца, дополнително во 2012. година се зголеми капацитетот на 230 деца и сега со оваа нова инвестиција, овој нов објект кој што ќе содржи 5 занимални со капацитет од 120 деца значително се зголемува капацитетот на градинката во Илинден и ќе има капацитет за 350 дечиња. Инаку се работи за високо-енергетски ефикасен објект кој ќе користи иновативни начини на греење и на ладење на објектот, рече Спасов.
Спасов истакна дека соработката со Општина Илинден продолжува и понатаму, односно набрзо се очекува отворање на Дневен центар за стари лица и исто така набрзо се очекува да започне изградба на приватен старски дом кој ќе биде најголем во Република Македонија.
Министерот одговори на новинарско прашање во делот на отворањето на приватни детски градинки при што истакна дека покрај инвестициите на Министерството во општинските јавни установи, во нови објекти, за детски градинки во рамки на повеќе општини во Република Македонија, планот на Министерството за отворање на 40 градинки во четиригодишен период, односно по десет објекти годишно, секоја година практично се надминува бројот на десет објекти во којшто се инвестира во соработка со општините.
-Се трудиме максимално да ги потикнеме приватните инвеститори за да инвестираат во изградба и отворање на нови приватни градинки. Би сакал да потенцирам дека во изминатите две и пол години имаме навистина позитивни ефекти и позитивни резултати во отворање на приватни детски градинки. До сега се отворени вкупни 20 приватни детски градинки, што исто така влијае значително на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст особено во градот Скопје, бидејки поголемиот дел од приватните детски градинки се наоѓаат во Скопје, но веќе се зголемува интересот во повеќе градови ширум Република Македонија за отворање на повеќе приватни детски градинки, рече Спасов.
Тој истакна дека не само што се зголемува капацитетот, туку исто така овие приватни детски градинки отвораат нови работни места. Во овие 20 нови приватни градинки работат над 150 лица, којшто се отворени изминатите неколку години.
-И понатаму продолжуваме со подршка на приватниот сектор, на секој заинтересиран да инвестира во приватни градинки и набрзо ќе почнеме да нудиме атрактивни локации во рамки на училиштата ширум градот Скопје и поголемите општини во Република Македонија со цел да им олесниме на приватните инвеститори обезбедувајќи им локација по почетна цена од 1 евра по метар квадратен со намалени комуналии за 95 проценти за разлика од минатото, заврши Спасов.