Градинките во општините Липково и Арачиново ќе бидат функционални, не ги злоупотребувајте децата

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека градинките во општините Липково и Арачиново ќе бидат функционални и дека дел од медиумите погрешно го пренеле неговото извинување бидејќи тој им се извинил на граѓаните на овие две општини заради неодговорните градоначалници.

– Забележав дека дел од медиумите погрешно го пренесоа извинувањето, тоа беше до граѓаните на Липково и на Арачиново заради непријатностите, предизвикани како резултат на изјавите на неодговорни градоначалници. Што се однесува до работата на Фатмир Лимани, можам да кажам дека би ја оценил со највисока оцена, а претпоставувам дека вие, како ДУИ, изминатите години имавте исто такво мислење за него – рече премиерот Мицкоски на пратеничко прашање од пратеничката Рина Ајдари за градинките во Арачиново и во Липково.

Премиерот Мицкоски истакна дека како претседател на Владата, тој е исклучително задоволен од работата на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и дека го охрабрува така да продолжи да работи.

– Што се однесува до начинот како функционира системот на обезбедување на согласност од Министерството за финансии, сакам да кажам дека тој процес започна институционално од самите општини до Министерството за социјална политика, демографија и млади. Што значи дека министерот Лимани потпишал, не е точно дека не потпишал, и го испратил тој документ до Министерството за финансии од кадешто добил повратен позитивен одговор – изјави премиерот Мицкоски.

    Премиерот Мицкоски потенцираше дека до крајот на оваа недела проблемот се очекува да биде расчистен.

– Во текот на вчерашниот ден, комуникацијата е реализирана од министерот Лимани до самите општини и до градинките, кои, за жал, ДУИ не ги пушти додека беше во Влада, а тие ќе бидат оперативни и функционални – рече премиерот.

Премиерот Мицкоски ѝ порача на пратеничката, наместо да ги става децата во политичка битка, ДУИ може да се бори на политички по легитимни начини.

– Има поконкретни начини како тоа да го направите, но вие одлучивте да ги злоупотребувате децата. И тоа, според мене, не е добро, но тоа е ваша одлука и вие мислите дека така треба да ја водите вашата политичка битка – изјави премиерот Мицкоски.