Градоначалникот на Ново Село нема да одлежи уште две години затвор

Кривичниот совет при Основен суд Струмица го отфрли барањето на Јавното обвинителство на Боро Стојчев да му се активира условната затворска казна. Обвинителството побара градоначалникот на Ново Село да одлежи казна затвор од две години, бидејќи била условена со извршување на друго кривично дело, односно шверц на цигари за кој беше осуден на 18 месеци.

Боро Стојчев за кривично дело „проневера во службата“ сторено пред 8 години, во 2015 тата бил осуден на условна затворска казна од две години, доколку не повтори дело во следните 4 години. Со оглед дека во меѓувреме Стојчев е правосилно осуден за ново кривично дело, Јавното обвинителство сметаше дека треба да се активира двегодишната казна која му истекува во април идната година.

Кривичниот совет предлогот на обвинителството го отфрли како недозволен. Од судот информираат дека тоа можело да се стори додека траело судењето за криумчарење, за коешто доби затвор од 18 месеци, но подоцна штипска апелација му ја намали на шест месеци.

Стојчев во моментов е на издржување на казната која му завршува по Новата Година. Тој минатата недела поднесе неотповиклива оставка до Општинскиот совет, па во општина следуваат локални избори кои треба да се одржат во следните шест месеци.

Боро Стојчев на почетокот од јули беше уапсен во обид да шверцува 3.300 штеки цигари преку македонско-бугарската граница. Со него беа и сопругата, синот, внукот и уште едно лице со кое не е во роднинаска врска.