Градоначалникот на Кисела Вода од своја сметка ќе ги покрива трошоците на новиот клуб на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа

Под мотото „Секое дете е различен цвет, а заедно прават прекрасна градина” во петокот градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, го предаде клучот на новото клупче за дружење, едукација и ресоцијализација на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа.

Ова е прилагоден простор за кој нема да се плаќа никаков надоместок, ниту за користење на просторот, ниту за тековните трошоци за користење на истиот, бидејќи ќе ги покрива лично тој и неговиот кабинет од своите лични примања.

„Прво сакам да истакнам дека ова беше мое ветување кон нив и затоа денес заеднички ги отвораме вратите на овој клуб кој ќе биде нивно ново катче во кое времето ќе го поминуваат низ дружба, забава и едукација. Воден од грижата да се обезбедат подобри услови за овие дечиња со кои лично уживам да го поминувам моето време со нив, ова ново катче комплетно ги исполнува сите услови за квалитетен престој, вклучувајќи маси за надвор и внатре, столчиња, кујна и кујнски апарати, инвертер, дидактички и работни материјали, мебел итн.

Се обврзав дека ќе обезбедам позитивни услови за развој на овие дечиња и стојам на мојот збор.

Затоа што, секој жител е еднаков и треба да пружиме еднакви шанси. Затоа што, Кисела Вода е за сите луѓе“, додаде Ѓорѓиевски.

Клубот се наоѓа на ,,Христо Татарчев” 47д, Расадник.