Ден откако францускиот претседател Емануел Макрон изрази желба главниот лик од серијата на Netflix „Емили во Париз“ да се врати од италинаксата во француската престолнина, римскиот градоначалник Роберто Гуалтиери му порача дека „ѝ е многу добро“ во Рим.
„Почитуван Емануел Макрон, не грижете се: на Емили ѝ е многу добро во Рим“, рече Гуалтиери, пренесува Politico. Додава дека „срцето не може да се контролира“ и дека на Емили треба „да ѝ се дозволи да избира сама“.
Гуалтиери реагираше на коментарите на Макрон во интервју за списанието Variety во средата, во кое францускиот претседател рече дека „силно ќе се бори“ да ја врати Емили во Париз.
Во четвртата сезона од серијата, Американката Емили Купер, која ја игра Лили Колинс, се преселува од Париз во Рим поради работата. Макрон на шега рече дека сака да се бори за да гарантира дека главниот лик од хит серијата на Netflix „Емили во Париз“ ќе се врати во француската престолнина по нејзиниот престој во Рим.
„Ќе се бориме напорно за таа да се врати и да ја замолиме да остане во Париз! ‘Емили во Париз’ – во Рим нема смисла“, изјави Макрон за Variety, додавајќи дека серијата е „исклучително позитивна кога станува збор за привлечноста“ за Франција.
Францускиот претседател смета дека серијата му донела голем успех на Париз и на целата земја, а неговата сопруга Брижит е толку вљубена во серијата што дури се појави во една епизода, што го прави Макрон, како што самиот вели, „многу горд“.
Во интервју за римското издание на Hollywood Reporter, градоначалникот на Рим го „предупредил“ францускиот претседател да не се меша во продукциските планови на Netflix.
Гуалтиери вели и дека за изјавите на Макрон разговарал со градоначалничката на Париз, Ан Идалго, и дека ѝ двајцата се смееле на тоа.
„Преселувањето на Емили во Рим го гледаме како потврда дека нашиот град станува сѐ поважен и прилично сме опуштени поради таквата одлука на продукцијата на Netflix. Тие знаат што прават. Искрено верувам дека и господин Макрон би требало да се опушти“, додал Гуалтиери.