Изминатиот период во јавноста се пласираа бројни неточни информации од страна на советниците од Левица, поддржани од СДСМ, во врска со програмата за располагање на градежното земјиште на Езеро Младост. Имено, оваа точка беше првично поставена на дневен ред за седница на Совет, но по реакцијата на советниците истата ја повлеков со цел детална проверка на информациите, за што по консултација со службите денес беше повторно ставена на гласање, реагира градоначалникот на општина Велес Марко Колев.
-Транспарентноста и отчетноста кон граѓаните ќе бидат она по кое што ќе биде препознатлива мојата работа, па оттука чувствувам одговорност да се произнесам јавно за сите невистинити обвинувања. Имено, парцелите се предвидени за продажба согласно УП одобрен со одлука на Совет уште во 2007 година, врз основа на добиена согласност од Министерството за транспорт и врски, и се последните две парцели за хотели, една за мотел и три за камп, од вкупно 17 градежни парцели кои се објавуваат секоја година неуспешно.
Оваа програма за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Велес која сега советниците од СДСМ ја спорат, е истата програма која и самите ја гласале во периодот од 2018 до 2021 година, а за што сведочи и Службениот Гласник, достапен на јавноста на веб страната на Општината (линкови во продолжение на објавата). Евидентна е намерата на советниците од СДСМ за дефокус на јавноста со цел прибирање на политички поени и избегнување на сопствената одговорност за неуспешното водење на градот во изминатите години.
Во врска со реакциите на советниците од Левица за узурпација на зелениот појас околу Езерото Младост, неопходно е да се потенцира дека едната од парцелите се наоѓа на карпест предел, а другите две во делови каде што веќе има изградени или објекти во изградба, што може да се види и на скиците за ова градежно земјиште. Оттука, целосно е неточно тврдењето на советниците од Левица дека ќе се узурпира и урбанизира шумското подрачје околу езерото, напротив, зелениот појас останува целосно заштитен а купувачите на парцелите ќе имаат законска обврска за озеленување на минимум 20% од површината на истите.
Како градоначалник од исклучителна важност ми е соработка со сите засегнати страни поради што на оваа тема одржав средба со советниците од Левица, на која иако дојдовме до заеднички заклучок за обврската на Општината за поставување на оваа точка на дневен ред, продолжуваат да се служат со политичка манипулација. Напоменувам дека гласањето на оваа точка се однесува само на гласање на Програма за располагање со градежно земјиште.
Градот Велес и јас како Градоначалник се грижиме за целокупната добросостојба на граѓаните, економскиот развој на градот, вклучително и за зачувување и одржување на животната средина, пишува во својата реакција Колев.
Линкови од програмите донесени во предходните години:
https://bit.ly/3IQHGTN
https://bit.ly/3umTRDI