Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денес извршија увид во градежните активности за проширување и реконструкција на градинката “Пеперутка 1” во Драчево. Во завршна фаза е темелната обнова на овој објект кој постои скоро 60 години и во кој никој досега не извршил реконструктивни зафати. Како што истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, по завршувањето на реконструкцијата градинката “Пеперутка 1” ќе може да прими околу 150, наместо како досега 90 деца, и со тоа се затворат листите на чекање во Драчево. Додаде дека со започнатите и планирани проекти, наскоро и во целата општина нема да има деца кои ќе чекаат да бидат запишани во градинка.
– Се наоѓаме во јавната детска градинка „Пеперутка 1” во Драчево, каде во завршна фаза се градежните активности за нејзино проширување и реконструкција. Се работи за објект изграден во 1965 година во кој се згрижени 90 деца и кој и покрај повеќедецениското постоење досега не претрпел посериозни реконструктивни зафати. Токму затоа работевме темелно. Покрај проширувањето, изградивме нови санитарни јазли, реконструиран е кровот, променет е подот, електриката, инсталацијата, прозорците, ставаме и нова енергетско-ефикасна фасада… Со ангажманот кој го презедовме нашите најмлади жители ќе добијат современи услови за престој, а еднакво важно е што добиваме и дополнителен простор, бидејќи наместо 90, ќе можат да се згрижат 150 деца. Посебно е важно што акцентот на слободни места, го ставаме врз јаслите, бидејќи бројот на новоредени дечиња расте, што секако е добра вест.
Сакам да истакнам дека со завршувањето на овој проект, во Драчево целосно ги затвораме листите на чекање, а листите на чекање во целата општина ги сведуваме 60-тина. Да потсетам дека на почетокот од мојот мандат повеќе од 400 деца немаа можност да бидат запишани во градинка и чекаа да се ослободи место. Веднаш реагиравме со отворање на две нови градинки, едната во Усје, другата во Драчево, во дворот на објектот ,,Кокиче” чиј капацитет го проширивме за 90 дечиња, започнавме со изградба на нов објект ,,Верверичка”, а обезбедивме и финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник. По завршувањето на двете нови градинки, листите на чекање ќе бидат сосема затворени. Дополнително, инвестиравме и во опрема, дидактички материјали и мебел во постоечките објекти, за што издвоивме околу 17 милиони денари. Проширување и реконструкцијата на детска градинка “Пеперутка 1” во Драчево е уште еден од низата проекти кои се зацртани во мојата програма со цел да се овозможи најпрво да нема чекање ред за во градинка, а потоа и унапредување на условите во овие јавни детски установи, за сите наши деца, во сите населби и населени места. Децата се нашата иднина и вложувањето во позитивниот детски развој е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме. Сакам да му се заблагодарам на поддршката на Министерот за труд и социјална политика и се надевам дека како Министерство ќе помогнат со опремувањето на објектот-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски го истакна задоволството од она што досега е реализирано во општина Кисела Вода и се осврна на поддршката која ќе ја даде Министерството за опремување на овој објект, но и за останатите потреби на Општина Кисела Вода и останатите општини во делот на давањето согласност за вработувања.
-Сакам да упатам благодарност кон градоначалникот Ѓорѓиевски за сета досегашна работа, за сите реализирани проекти, објектите кои или се реконструирани или се изградени и кои тој ги наведе во своето излагање. Кисела Вода е една од ретките општини која е пример дека со најголем дел од сопствени средства успеале да го намалат бројот во листите на деца кои чекаат упис во градинка, а се надевам во скоро време и сосема да ги доведат до нула. Она што ме загрижува, а што го истакна градоначалникот при нашиот разговор е бројот на луѓе што се плаќаат преку Буџетот на Општината, а тоа се над 70 луѓе вработени во градинките. Тоа е реалност во сите градинки на територија на Република Македонија. Во случајов, Општина Кисела Вода имала можност тоа да го направи, но во многу општини тоа не е можно. Тоа мора да се промени и тоа веднаш после 8 мај, после изборите. Обврска на Министерството ќе биде и во Општина Кисела Вода и во сите останати општини во Македонија, овој проблем со давање на согласност за вработувањата да биде решен и тоа на едно системско ниво, кое ќе го предложиме во програмата што следи и како политичка партија, а потоа и како Влада што ќе ја реализира програмата и тоа во најбрзо можно време, по доаѓањето на власт. Дополнително, сакам да истакнам дека максимално ќе одговориме на поддршката што ја побара градоначалникот во делот на опремување на објектот во кој сме денес. Сакам да го мотивирам градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, секако со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, да продолжи и заедно да ги направиме уловите за дечињата уште подобри и уште поквалитетни-истакна Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.