Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и постојаниот претставник на UNDP во Македонија Армен Григорјан денес, на Светскиот ден на животната средина, заедно засадија дрвца во населбата 11 Октомври Бараки. Денешната акција, поддржана и од претставници од Општина Кисела Вода и од УНДП, како и повеќе ученици од ООУ “Невена Георгиева Дуња”, претставува почеток на активностите за изградба на современ парк на оваа локација, која до неодамна беше депонија. Паркот ќе се протега на површина од околу 8500 квадратни метри. Ќе биде дополнет со пешачки патеки, сквер, со детско катче, со многу зеленило, и ќе биде современ простор за одмор и разонода на сите жители од овој дел на градот. Паралелно, дел од донираните дрвца од УНДП, ќе бидат искористени и за другите паркови во општината.
-Денес, на Светскиот ден на животната средина, заедно со постојаниот претставник на UNDP во Македонија, Армен Григорјан, се наоѓаме во 11 Октомври-Бараки, каде засадуваме дрвца, со цел да го оплемениме просторот и да дадеме свој влог во заштитата на животната средина и грижата за планетата. Покрај на оваа локација која беше огромна депонија, а наскоро ќе прерасне во модерен парк, нови дрвца ќе засадиме и во другите паркови во општина Кисела Вода, меѓу кои и во новиот, Оксиген, кој е уште еден новоизграден парк за само 1.5 година, односно од почетокот на мојот мандат и кој, исто така, е дел од стратегијата што ја спроведуваме-на местото од дивите депонии, да градиме зелени паркови. Сакам да се заблагодарам на г-нот Армен Григорјан и на УНДП за донираните садници и со тоа, за подадената рака во заедничкото справување со глобалниот предизвик за зачување на здравата животна средина за сите наши граѓани. Како локална самоуправа, и за мене како градоначалник, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина ќе останат да бидат врвен приоритет, што ќе резултира со нови парковски површини на места каде што постојат депонии, со акции за чистење и за пошумување, со акции за бесплатно подигнување на кабаст отпад, со едукација за правилна селекција и одложување на отпадот и бројни иницијативи со кои очекувам дека ќе се подигне и еколошката свест кај граѓаните-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, претставувајќи му ја својата визија за идниот лик на општината на Постојаниот Претставник на УНДП, Григорјан.
– На Светскиот ден на заштита на животната средина, УНДП ги потврдува заложбите за зачувување и заштита на нашата планета. Денеска, заедно со градоначалникот Ѓоргиевски ќе засадиме повеќе од 100 дрвја со што сакаме да покажеме дека чувањето на животната средина е колективна акција и споделена одговорност на сите нас. Со нашата посветеност на одржливи практики и заедничко дејствување отвораме пат кон позелена иднина. Заедно, можеме да ја заштитиме биолошката разновидност, да се соочиме со климатските промени и да ги поттикнеме заедниците да живеат и напредуваат во хармонија со природата. Да ја искористиме оваа можност да создадеме амбиент на одржливост за нашите деца и генерациите што доаѓаат- истакна Армен Григорјан, Постојан Претставник на УНДП во Македонија.
Денешната акција е само вовед во активностите кои следат во наредните денови во насока на зазеленување на просторот и оплеменување на парковите низ општина Кисела Вода.