
БЕГ и оваа сезона ќе ги снабдува со парно греење граѓаните, иако градската власт најавуваше дека има намера да ја преземе топловодната мрежа.
Градот сѐ уште не поднел до Регулаторната комисија за енергетика барање за добивање лиценца за топловодната мрежа.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека топловодната мрежа е дивоградба и треба прво да се легализира. Па потоа Градот ќе бара нејзино преземање.
„По легализацијата и запишување на сопственоста, ќе побараме од Владата, мрежата да ни ја даде на користење, со што ќе се стекнеме со услови да можеме да влеземе во постапка за издавање на лиценца за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија“, вели Петре Шилегов градоначалник на Град Скопје.
Топловодната мрежа која е во сопственост на државата ѝ е дадена под закуп на БЕГ на 35 години.
Градот има интерес само да управува со мрежата, но не и со производството. Само 23 отсто од површината на Скопје е покриена со систем за парно греење.