Градот Скопје ќе изработува проект за поставување на фотоволтаична централа

Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои Планот за енергетска ефикасност на Градот Скопје за 2022 година.

Главна цел на Планот за енергетска ефикасност на Град Скопје е постигнување повисок степен на решавање на состојбите во областа на енергетската ефикасност, а со тоа подобрување на состојбата во сферата на животната средина, заштита на здравјето и подобрување на квалитетот на живот.
Реализацијата на предвидените мерки за енергетска ефикасност треба да се спроведат според предложениот план, а од Буџетот на Град Скопје за 2022 година за реализацијата на активностите предвидени во планиот се издвоени 3.600.000 илјади денари.

Планот за енергетска ефикасност на Град Скопје за 2022 година претставува точно дефиниран број и вид на активности, кои треба да ги преземе Град Скопје во текот на 2022 година, а е усогласен со:
– Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2030г;
– Акционен План за енергетска ефикасност на Република Македонија;
– Националната стратегија за одржлив развој;

Планот за енергетска ефикасност за 2022 година ги содржи следните активности:

– Изработка на основен проект за ревизија и поставување на фотоволтаична централа со моќност до 20KW на објект кој е под надлежност на Град Скопје, со цел намалување на трошоците за електрична енергија на објекти под надлежност на Град Скопје и примена на обновливи извори на енергија;

– Замена и поставување на енергетски ефикасно ЛЕД осветлување на објект под надлежност на Град Скопје со цел намалување на трошоците за електрична енергија на објекти под надлежност на Град Скопје;

– Промоција на енергетската ефикасност и подигнување на јавната свест кај граѓаните за енергетската ефикасност со цел заштеда на енергија и намалување на потрошувачката на електричната и топлинската енергија;

– Кофинансирање на иновативни проекти или стратешки документи потребни на Град Скопје од областа на енергетиката, енергетската ефикасност и обновливите енергетски извори на енергија;

Со планот ќе се реализираат и активности за подигање на свеста на корисниците во објектите кои се во сопственост на Град Скопје за намалување на потрошувачката на енергија; едукација и обука на учениците од средношколската возраст преку примена на мерки за енергетска ефикасност, соработка и учество на домашни и меѓународни проекти од областа на енергетска ефикасност, собирање, контрола и анализа на податоци за потрошувачка на енергија за објектите во сопственост на Град Скопје, како и активностите на Инфо-центарот за енергетска ефикасност како составен дел на Одделението за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија за давање совети и информации на граѓаните, како преку примена на мерки за енергетска ефикасност да ја намалат потрошувачката на енергија.