„Градот Скопје по ниту една цена нема да го исклучи јавното осветлување на булеварите и сите делници коишто се под градска надлежност. Во однос на штедењето отпочнавме со малку поинаков пристап, штедиме секаде онаму каде што можеме, но не на штета на граѓаните. Тоа значи дека безбедноста и сигурноста на граѓаните мора да бидат на првото место”, вели градоначалничката Данела Арсовска во вечерашното гостување во Жешко политичко лето на Канал 5 ТВ.
Арсовска објасни дека во изминатиот период градот работи на реформи и голем дел на средства се собрани од заштеди од јавните набавки преку електронски аукции, сериозна сума на средства заштедени што до сега не било случај во градот.
„Направивме многу реформи во начинот на работа и значително штедиме. Сето она кое го заштедивме ќе остане во буџетот, за улицата Славка Динкова која ја промовиравме минатата недела, дури 32% имаме заштеда на проценетата вредност. На улицата Бутелска заштедата е над 40%. Сите средствата коишто ги штедиме ќе овозможиме скопјани да имаат јавно осветлување на градските улици и булевари”, појасни Арсовска.Според неа, безбедноста и сигурноста на скопјани треба да биде на прво место, имајќи во предвид дека дел од општините почнаа да ги гасат своите јавни осветлувања.
„Доколку прашате било кој што живее во Скопје дали сака да шета во вечерните часови во целосен мрак, јас сум сигурна дека ќе ви каже дека не сака да шета во мрак бидејќи така се чувствува небезбедно и несигурно”, вели таа.