Граѓани од Неготино со марш ќе им докажуваат на жителите од Тимјаник дека не треба да се плашат од децата со попреченост

Граѓани од Неготино вечерва со протестен марш ќе им покажат на жителите од Тимјаник дека немаат од што да се плашат од децата со попреченост. Маршот  ќе го предводи Драгица, девојче со посебни потреби. Целта на маршот е да се испрати пораката дека во Неготино има место за лицата со посебни потреби. Протесниот марш ќе започне од куќата на Драгица и ќе продолжи низ центарот на Неготино каде секој што ќе посака може да ја изгушка Драгица, позната како Гага.

Ви гарантирам, немате потреба од страв дека вие или вашите деца ќе бидете нападнати. А, тоа дека можете да бидете изгушкани од Гага – тука не гарантирам, напиша во својот повик  Симон Андов, волонтер на Црвен крст во Неготино.

И додека граѓаните од Неготино се организираат за мирен протестен марш низ улиците на градот, ова од вчера е домот за специјализирано живеење на трите деца кои го напуштија Заводот во Демир Капија. Осум годишниот Павел, заедно со неговите другарчиња, 11 годишниот Дамјан и 16 годишнит Рамче, отсега ќе живеат во овој убаво опремен дом во Неготино, во услови прилагодени на нивните потреби, со многу љубов и внимание од целиот тим кој што ќе се грижи за нив.

Тие имаат пречки во психомоторниот развој и освен Павел кој што е полуподвижен двете други деца се неподвижни. Децата се тивки, на нивните лица се гледа насмевка откако се дојдени тука.  Сега за нив ќе се грижи специјализиран тим од негувателка, социјален работни, дефектолог и физиотерапевт, за разлика од Заводот во Демир Капија каде една негувателка се грижи за 30 деца.

Овие деца не пречат на никого, не верувам дека на некого вакво нешто може да смета. Мојот син беше 2,5 години во Заводот во Демира Капија. Иако таму даваа максимум, сега гледам насмевка на неговото лице. Ова е како да се дома, вели Драган, татко на 11 годишниот Дамјан.

Неготино ги прифати ги отвори вратите за овие три деца, поучени и  претходното искуство со здружението Порака кои работат на оваа проблематика.

За разлика од граѓаните на Неготино, жителите на Тимјаник вчера порачаа децата со попреченост да бидат подалеку од нивните деца. Кажуваа различни верзиии, различни приказни дека се соблекувале голи, дека ќе фрлаат со камења по нивните деца, дека во центарот штос е гради нема услови, дека нема вода, дека ќе им сметаат тракторите кои носат грозје, како и тоа дека нивните деца дека не смеат да ги гледаат бидејќи ќе биделе под стрес.

Училиштето е во непосредна близина, а нашите деца не смееат да ги гледаат тие деца, изјави една од присутните жени, а на новинарско прашање, зошто, одговори дека „тоа ќе било стресно за нив.Нашите деца играат тука на сред село сами, слободни, а сега  им ја одземете слободата, ќе мора да бидат со придружник. Што ќе се случи ако некое дете фрли камен по нив или ги нападне, рече жител на Тимјаник.

Министерката Царовска, во селото беше пречекана со многу свирежи, со обраќања на висок тон, со закани. Протестот беше под силно полициско обезбедување. Во еден момент тие се заканија дека од септември нема да ги пуштаат децата на училиште.

Сменете ја одлуката за пренамена на објектот. Ова ни беше гром од ведро небо. Никој ни на сон не можел да сони дека ова ќе се случи во нашето село, рече еден од жителите, на што министерката ги потсети дека основното образование е задолжително и дека треба да размислат за ваквата одлука.

Министерката им објасни дека условите таму се лоши . Таа им посочи дека ова ќе биде дом каде ќе се ресоцијализираат и ќе имат 24 часовна нега и грижа од цел тим, дека овие деца не можат да наштетат никому.

Овој процес на ресоцијализација што започнува годинава треба да заврши за две до три години. Центарот во Неготино и тој во Тимјаник се дел од проектот за деинституционализација на штитениците од Заводот во Демир Капија каде има вкупно 216 лица. Со проектот е предвидено за две до три години сите тие да бидат ресоцијализирани и вклучени во општеството, а не во големи, безлични и сегрегирачки институции. Тој е поддржан од УНИЦЕФ, УНДП и од Европската Унија.

Во Демир Капија може да остане само еден медицински дел за најтешките случаи.