Граѓаните најмногу бараат потрошувачки и станбени кредити

Вкупното кредитирање на фирмите и на граѓаните во септември годинава е намалено за 0,3 отсто, но на годишно ниво е забележан раст од 4,3 отсто, покажуваат податоците на НБРМ.

Вкупните кредити на корпоративниот сектор во текот на септември забележале намалување од 1,2 отсто. Споредено на годишно ниво, состојбата на кредитите одобрени на корпоративниот сектор е пониска за 0,5 проценти, во услови на пад на девизното кредитирање, наспроти годишниот раст кај денарското кредитирање.

Кај кредитите на домаќинствата, пак, во септември е регистрирано зголемување на месечна основа од 0,5 отсто и годишно за 9,8 отсто. Растот на кредитна активност кон домаќинствата, во најголем дел се должи на денарските кредити.

Од аспект на намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапените се потрошувачките и станбените кредити каде што е регистриран пораст од 0,7 отсто на месечно, а 11,9 и 14,1 проценти на годишно ниво. Раст од 1,9 отсто во септември има кај автомобилските кредити, но на годишно ниво е забележан пад од 5,2 проценти. Кај кредитите одобрени на кредитни картички е забележано месечно и годишно намалување од 0,2 односно 1,0 отсто.

Кај негативните салда на тековните сметки не е регистрирана промена на месечно ниво, но има годишен раст од 3,7 проценти.