Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија објавува ПРОГЛАС. Македонија има три ИЛИНДЕНИ, 1903, 1944 и 1991 година. Дојде време да го обзнаниме Четвртиот Илинден. Во сите три претходни, Македонците јасно и недвосмислено ја искажаа почитта кон сите оние кои живеат под ова небо. Дојде ред и на нас да ја покажеме таа взаемна почит.
Ние, современиците на овој миг имаме должност да ги споиме тие вредности од минатото за доблесно, сите заедно, да се насочиме кон иднината. Ниту еден патриот не е против националните права, култура и традиционални вредности на својот сограѓанин. Македонија е модерна граѓанска република. Македонците Албанците, Србите, Ромите, Бошњаците, Турците, Власите и другите живеат во единствената матична држава на македонскиот народ, кој слично како и други народи од регионот и се уште во 21 век е соочен со негирање и дискриминација.
Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја потхранува и уважува дискриминаторската политика на одредени земји. Бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, во туѓи држави, без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме.
Уставот на Република Македонија е јасен и прецизен во однос на многу прашања кои се однесуваат на македонскиот идентитет и од него не отстапуваме. Бараме од сите наши политички партии да го почитуваат Уставот на Република Македонија и да се обврзат дека нема да работат на промена на името и суштината на нашата држава.
Македонија е над сите интереси.