Граѓански собир по повод 25-ти април – Светскиот ден за борба против родителско отуѓување ќе се одржи во средата пред Собранието на Република Македонија со почеток во 17,.30 часот.
Настанот е организиран од страна на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод и е поддржан од Првата детска амбасада во светот Меѓаши.
Целта на овој собир е да се укаже на фактот дека се повеќе деца се предмет на родителско отуѓување, односно влијание на едниот родител за да децата го отфрлат другиот родител. Ваквата тешка злоупотреба на децата е директна последица од начинот на постапување на државата со децата од разведени бракови и нивното доделување на чување и воспитување на само еден родител.
Предвидено е пред присутните со почеток во 18 часот да се обратат: Драги Змијанац, основач и претседател на Детската амбасада Меѓаши; Весна Петрушевска Бејби, позната актерка и водителка;
Наум Рибароски, претставник на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно старателство по развод; Наташа Стојческа, претставничка на Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно старателство по развод…
Планирано е за време на собирот да говорат и родители, кои на своја кожа го осетиле родителското отуѓување. Својата болна приказна ќе ја сподели родител, чие дете веќе подолго време е надвор од Република Македонија и со него нема контакт.
Исто така, се очекува преку видео порака поддршка да дадат и граѓански здруженија од соседните држави.
Граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод своите барања за измена на посточеките закони и пракса, ќе ги достави до Собранието и до Владата на Република Македонија, надевајќи се дека надлежните конечно ќе се свртат кон решавање на овој горлив проблем.