Бројот на поднесени преставки до Агенцијата за храна и ветеринарство, лани изнесувал 281, што претставува зголемување за 30 отсто во однос на 2012 година. Преставките главно се однесуваат на храна од животинско и неживотинско потекло. Во однос на храната од неживотниско потекло, најголем дел од преставките се однесуваат на декларациите, односно на отсуство, несоодветна или нечитлива декларација како и наоѓање на туѓи тела во храната.
За храната од животинско потекло, луѓето најмногу се пожалиле на мирисот, вкусот, бојата на одредна храна, продажба на месо во несоодветни услови. Најголем дел, односно 162 (58 отсто) од овие преставки биле оправдани. Било постапено по секоја поединечна преставка, при што биле донесени 79 решенија, биле извршени 226 едукации, биле поднесени осум прекршочни пријави, а биле уништени 10.500 килограми храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе воведе бесплатен број 0800 322 22 на кој граѓаните ќе можат да пријавуваат секакви проблеми, па се очекува бројот на преставки да биде уште поголем, што укажува на поголема свесност кај потрошуачите да пријават неправилности за безбедноста на храната.