Граѓаните сметаат дека Иванов победил во вечерашната дебата на МРТ

Веднаш по завршување на дебатата помеѓу претседателските кандидати емитувана на националната државна телевизија МТВ вечерва, иститутот „Павел Шатев“ на барање на порталот Република спроведе телефонска анкета помеѓу 507 испитаници кои ја следеле дебатата со цел да ги утврди перцепциите на македонските граѓани за тоа кој од претседателските кандидати се претставил подобро и имал посилни аргументи при нивното соочување пред јавноста.

Резултатите покажуваат дека повеќе од половина испитаници, односно 52,8 отсто, сметаат дека во вечерашната дебата победи Ѓорѓе Иванов. За Стево Пендаровски тоа го мислат само 15,2 отсто од испитаните граѓани.

На прашањето „Кој од кандидатите за Претседател сметате дека беше подобар во дебатата во делот околу спорот за името?“, 54,3 отсто одговориле дека подобар бил Ѓорѓе Иванов, а 16,5 отсто одговориле Стево Пендаровски.

Високи 60,2 отсто од испитаните граѓани се изјасниле дека сметаат дека Ѓорѓе Иванов беше најдобар во дебатата во делот околу економските политики. Тоа за Пендаровски го мислат само 11,4 отсто од испитаните граѓани.

На последното прашање: „Кој од кандидатите за Претседател сметате дека беше подобар во дебатата во делот околу надворешна политика и безбедност“, граѓаните повторно се изјасниле за Иванов. Односно, 50,3 отсто рекле дека Иванов бил подобар во овој дел на дебатата, а 18,5 отсто тоа го рекле за Пендаровски.

Со оваа анкета Институтот Павел Шатев воведува новина во политичките истражувања на јавното мислење во Македонија, иако овој тип на истражувања се доста чести во одредени држави како на пример САД, каде се познати како instant reaction pollsи се спроведуваат веднаш после секоја телевизиска дебата помеѓу претседателските кандидати.

За таа цел Институтот Павел Шатев ангажираше 97 професионалци кои ги спроведоа анкетите веднаш по завршување на дебатата. Резултатите беа обработени непосредно по завршување на анкетата со цел во текот на истата вечер да и бидат достапни на македонската публика. Истражувањето кое беше спроведено на ниво на Република Македонија, беа опфатени сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол, етничка припадност и возраст, но беше направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина. Анкетата е направена по барање на порталот Република и подлежи на статистичка грешка од +/- 4,35%