Две први награди во две категории, специјална награда за најдобар диригент и Гран при со највисок број освоени поени на целиот натпревар е билансот од учеството на Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на маестро Сашо Татарчевски на меѓународниот младински фестивал и натпревар кој од 6 до 9 јули се одржа во Братислава, Словачка.
На натпреварот учествуваа ансамбли од четири континенти, претставувајќи ги своите културни специфики и музичка подготвеност пред публиката во Братислава и пред жирито составено од шест еминентни диригенти, композитори и солисти.
Освен на натпреварот, нашиот хор настапи и на концерти кои се одржаа во катедралата Св. Мартин и во музичката сала „Клариски“, а по покана на организаторот, маестро Татарчевски одржа и мастерклас за дел од хоровите кои учествуваа на фестивалот во салата на огледалата во „Примациал“ палатата.
Од своето формирање во 1972 па сé до денес, ЖМХ е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разноврсен репертоар, со посебно внимание кон македонското хорско творештво, овој ансамбл покажа дека и пеачи аматери можат да постигнат високо професионални резултати.
Во изминатите 45 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали промовирајќи се во вистински културен амбасадор на Република Македонија. Само во последните две години, покрај актуелниот успех во Словачка, хорот освои златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Ливиу Борлан“ во Баја Маре, Романија (2015) како и две први места и три специјални награди на фестивалот и натпревар за хорска духовна музика „Vratislavia sacra“ во Вроцлав, Полска (2016).
Сашо Татарчевски настапувал со голем број ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, МОБ, симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, симфонискиот оркестар на Ермитаж, камерниот оркестар на Битола, симфонискиот оркестар на ФМУ, “Солисти на ФМУ“, Битолската опера, ансамблите за современа музика “Алеа“ и “Контемпора“ и други камерни, симфониски и хорски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на мешаниот хор “Драган Шуплевски“, камерниот професионален хор “Про Арс“ и женскиот младински хор при МКЦ.
Освен на сцените низ Македонија, има настапувано со различни ансамбли во голем број европски земји освојувајќи најпрестижни награди. Татарчевски е редовен член на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и предавач на семинари и мастеркласи за диригирање.