Гранд Скопје на Конференцијата за недвижности ќе се претстави со иновативни и функционални решенија за инвестирање во иднината

Гранд Скопје ќе ги претстави најновите трендови и перспективи за развој на пазарот на недвижности на втората Конференција за комерцијални недвижности, која ќе се одржи на 22 мај во Скопје.

Посветеноста на поттикнување на развојот и иновациите на пазарот на недвижности, не само во Македонија туку и на меѓународно ниво, е главниот мотив за Гранд Скопје и оваа година да биде главниот спонзор и поддржувач на Конференцијата. Преку своите експерти и претставници, инвеститорот МГ Фешн ќе ја претстави својата успешна приказна со фокус на комплексот Гранд Скопје.

Во рамките на Конференцијата, претставниците на компанијата ќе учествуваат на две панел-дискусии, и тоа панел-дискусијата „Урбанизација и урбанистичко планирање“ која е и директно поддржана од Гранд Скопје, како и на панелот „Бизнис згради“.

На првата панел-дискусија ќе говори Леонид Антиќ, Член на Управниот одбор на Гранд Скопје, кој ќе ги претстави спецификите на комплексот, нагласувајќи како современото урбанистичко планирање придонесува за долгорочниот развој на Скопје.

„Станбено-деловниот комплекс Гранд Скопје има за цел да ја трансформира урбаната слика на центарот на градот, одговарајќи на потребите на граѓаните за квалитетен градски живот. Токму затоа овој комплекс е добар пример за современо урбанистичко планирање, па оттука и симболично, го позиционираме како главен поддржувач на оваа тема во рамки на конференцијата“, изјави Антиќ.

Антиќ додаде дека во рамките на комплексот е планиран и нов урбан парк со површина од околу 7.500 м², приближно колку Плоштадот Македонија, кој ќе понуди разновидно зеленило, инспирирано од светските урбани паркови.

„Главна водилка при урбанистичкото планирање на паркот беше задоволувањето на потребите на заедницата, што говори за фактот дека токму овој парк е еден од клучните аспекти кој ќе ја трансформира урбаната средина во рамки на комплексот Гранд Скопје, но и на централното градско подрачје. Тука жителите и посетителите ќе можат да уживаат во оаза на мир среде динамичниот градски пејзаж“, објасни Антиќ.

На панел-дискусијата „Бизнис згради“, пак, ќе говори Илија Божиновски, главен архитект и директор на МГ Фешн кој ќе ги сподели најновите трендови и искуства во справувањето со предизвиците кои се појавуваат во одговор на променливите потреби на современите компании.

Преку своето богато искуство како реномиран архитект, во рамки на оваа панел-дискусија тој ќе го пренесе искуството и на МГ Фешн во проектирање деловни згради, дискутирајќи за иновативни решенија и стратегии кои можат да го унапредат целокупното деловно работење.

Конференцијата за недвижности е одлична можност директно во Скопје да се презентираат меѓународните искуства и да покажеме дека и концептот на Гранд Скопје како „Ново обележје на градот“ го следи овој развоен пат.