Граничната полиција на Република Македонија доби донација од заштитни маски, заштитни ракавици и дезифициенси од Владата на Република Полска, во рамки на побараната помош преку Евроатлантскиот координативен центар за катастрофи при НАТО, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Донацијата денеска ја врачи амбасадорот на Полска во државава Војциех Тицињски на заменик директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Ариф Асани, на Граничниот премин „Богородица“.
Како што информираат од МВР, заменик директорот на БЈБ, Асани, се заблагодарил за донацијата во име на МВР и упатил посебна благодарност до припадниците на полската гранична стража, кои заедно со македонската гранична полиција учествуваат во заедничките операции за зајакнат надзор на нашата јужна граница, пред сè во борбата против илегалната миграција, притоа оддавајќи признание за нивната висока професионалност во извршувањето на поставените задачи.
Полскиот амбасадор Тицињски, пак, како што велат, нагласил дека оваа активност се реализирала по иницијатива на претседателот на Република Полска, господинот Анджеј Дуда, во соработка со полската Влада. Дополнил дека нивната помош претставува симболична потврда на меѓународната солидарност на Полска со Македонија во контекст на борбата против пандемијата Ковид-19.