Градежната компанија „Гранит“ ќе одвои 20 милиони денари, во бруто износ, како награда за менаџерскиот тим и раководниот кадар, стои во Одлуката на компанијата за распределба на добивката, објавена на Македонска берза.
„Гранит“ во текот на минатата година оствари нето добивка во износ од 322 милиони 437 илјади и 207 денари. Од овие средства, дел се наменети за награда на менаџерскиот тим и раководен кадар во бруто износ од 20 милиони денари, за данок на добивка за исплатени средства од добивката отпаѓаат два милиони 222 илјади и 222 денари, додека како нераспределни остануваат 300 милиони 24 илјади и 985 денари.
Оваа градежна компанија ќе исплаќа и дивиденда на своите акционери од акумулираните нераспределни добивки од минатите години во бруто износ од 47 милиони 141 илјада и 440 денари.
Изнсоот на дивиденда за една акција во бруто износ е 16 денари, а исплатата на дивиденда ќе заврши најдоцна до 30-ти септември оваа година.
Последен ден на тргување со право на дивиденда за минатата година е 16-ти мај оваа година, а прв датум на тргување без право на дивиденда е 19-ти мај.