Гранки од тополите пред МОН оштетија повеќе возила

Градот Скопје реагира на информациите објавени во дел од медиумите во врска со исечените дрвја на пакрингот до Паркот на новинарите во Општина Центар.

„Во текот на изминативе денови, по поројните дождови, на повеќе локации во Скопје се скршија поголем број гранки од дрвјата коишто предизвикаа голема материјална штета – оштетени беа поголем број моторни возила и објекти. Точно во Паркот на новинарите, дрво падна врз повеќе возила, при што беа оштетени два автомобила марка ‘опел корса’ и ‘мазда’. Екипи на јавното претпријатие „Паркови и зеленило”, по извршениот увид на МВР и изготвениот записник за сторената штета, пристапија кон расчистување на искршените гранки и стебла, при што беа исечени 3 тополи на паркингот до Паркот на новинарите“, велат од Град Скопје.

Оттаму наведуваат дека екипите на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ реагирале и во Старата скопска чаршија, на булеварот 8.Септември, кај Тутунска Банка и на уште неколку локации каде што имашало паднати гранки и оштетени дрвја.

„Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило” на терен постапуваат во насока на заштита на населението и на јавните материјални добра и поради тоа ги отстрануваат дрвјата што претставуваат закана за општата безбедност. Градот Скопје сака да нагласи и дека акцијата за сечење на тополите на територијата на градот Скопје се изведува врз основа на Одлука-Програма за работа на ЈП „Паркови и зеленило“ за 2015 година,  донесена од Советот на Град Скопје и поддржана од  сите советнички групи. Оваа Oдлука ќе биде имплементирана во сите програми за работа на ЈП „Паркови и зеленило“ во наредните години, затоа што бројот на тополите во Скопје е многу голем и ќе биде потребно време тие да се исечат и да се заменат со садници кои не се штетни по здравјето на луѓето, имаат позитивни еколошки карактеристики и кои не претставуваат опасност по безбедноста на минувачите и материјалните добра на граѓаните. Барања за сечење тополи секојдневно пристигнуваат до јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и тоа од сите скопски општини, вклучувајки ја и Општината Центар, како Општина на чие подрачје има поголем број садници од овој вид. Градот Скопје сака да нагласи дека во последниве пет години на подрачјето на Скопје се спроведува интензивна акција за подигање нови зелени површини и за засадување нови дрвја, акција каква што претходно во градот не е спроведена“, реагираат од Градот.

Воедно нагласуваат дека:

  • На јавните површини во Скопје екипи на Градот Скопје досега засадија над 60.000 листопадни, зимзелени и грмушести садници, како и 1,5 милиони цвеќиња.
  • Ги обновивме дрворедите по должината на булеварите, и тоа на булеварите Илинден, Свети Климент Охридски, Митрополит Теодосиј Гологанов, Борис Трајковски, Србија, Јане Сандански, Александар Македонски, Видое Смилевски Бато, Никола Карев…,
  • Ги зазеленивме средишните жардиниери на сообраќајниците,
  • Доделивме над 15.000 бесплатни садници на куќните совети и на јавните институции.
  • Градскиот парк доби комплетно нов лик, со ново зеленило, украсни чешми и нови интересни содржини за децата.
  • Во парк-шумата „Водно“ во последните пет години се засадени повеќе од 55 хектари со зимзелени и листопадни садници.
  • Во Паркот на природата „Гази Баба“ се пошумени повеќе од 1,5 хектари со листопадни дрвја, а засадени се и дополнителни 1.000 големи садници.
  • На првиот ден на пролетта минатата година Градот Скопје на јавните површини засади вкупно 10.000 бели рози, во сите скопски општини.
  • По должината на втората делница од проширениот булевар Митрополит Теодосиј Гологанов уредивме нов парк „Македонија“ со површина од 30.000 квадратни метри.
  • Деновиве завршивме со уредување на вториот дел од паркот „Македонија“, покрај третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, кој е со површина од 32.000 квадрати и на кој ќе се засадат околу 800 нови дрвја.
  • Во близина на овие паркови го уредивме и „Паркот на 100 дрвја“, на површина од 3.500 квадратни метри,
  • Засадивме 240 дрвја во паркот покрај булеварот Февруарски поход.
  • Само на Денот на дрвото 2014 година на вкупно 18 локации во градот беа засадени 2.000 садници од видовите јавор, јасен, каталпа, платан, кедар, туја и други
  • На булеварот Февруарски поход во тек е уредувањето и на нов парк со површина од 82.000 квадратни метри, кој ќе биде поголем од првиот дел на Градскиот парк.
  • На Денот на пролетта оваа година, во Паркот на природата „Гази Баба“ беа засадени 100 дрвја, а на локација на Средно Водно без засадени 60 дрвја.

возило

 

возило3