![grantoviiii](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/04/grantoviiii.jpg?resize=675%2C310&ssl=1)
Европската унија ќе одвои 11.900.000 евра за новата ИПА прекугранична програма помеѓу Македонија и Албанија (2014-2020 година), од кои 10.710.000 евра се предвидени за добитиници на грантови кои ќе поднесат проектни предлози, пренесува МИА.
Новата ИПА програма за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија ќе биде промовирана денеска во Струга во присуство на претставници на владите на двете држави. Целта на програмата е да се стимулира поизбалансиран, инклузивен и одржлив социо-економски развој на прeкуграничната област.
Програмата се фокусира на три тематски приоритети на ИПА 2 регулативата кои произлегуваат од анализа на потребите и можностите: поттикнување на туризмот и културното и природно наследство, подобрување на конкурентноста, економијата, трговијата и инвестициите и заштита на животната средина, унапредување на приспособувањето на климатските промени и миграцијата, заштита и управување со ризик.
Новата програма е продолжение на претходната, за периодот од 2007 до 2013 година. Во тек на новиот програмски период, повеќе напори ќе бидат вложени во зајакнување на капацитетите, создавање посилни и одржливи вмрежувања и партнерства, вклучувајќи и соработка со други потенцијални програми.
фото: МИА