Грчева повикува на бојкот на јавните дискусии за уставните измени

Јавното соочување на стручњаците и политичарите со народот, како носител на суверенитетот на државата, требаше да се одржи пред уставните измени да започнат или воопшто да влезат во Собранието! Организиран пост фестум, циклусот, поточно циркусот од пет јавни дискусии е уште еден удар по демократијата и правната држава, смета Глас за Македонија, чиј претседател е Солза Грчева.

Според неа, навредливо за здравиот разум е што јавните дискусии ќе ги водат експерти од општа пракса (меѓу нив само еден-двајца професори по уставно право) политички функционери во владата и гласноговорници на меѓународната заедница, кои уште пред да стигне тн. Преспански договор на маса, беа негови (добро платени) огнени поддржувачи и промотори на грчките интереси, нема ниту еден говорник кој не го поддржува договорот, а тој би бил најлегитимен според резултатите од пропаднатиот референдум.

,,Во недостаток на основните елементи на јавна дебата – стручност, објективност, непристрасност, ова е непотребно исполнување на ,,демократска процедура“, кое станува лакрдија! Можеби и затоа дискусиите се закажани во државни институции, кадешто може да се обезбеди присуство по службена должност и “коректно“ однесување на присутните, доколку ги има”, соопшти Грчева.

Глас за Македонија ги повикува своето членство, симпатизери и јавноста, да ги игнорира/бојкотира ваквитекозметички јавни дискусии и во согласност со својот категоричен, негативен став за промената на името како услов за влез во НАТО и ЕУ, гласно повторува:
Народот го кажа своето ,,НЕ” за промената на името на државата на 30 септенври на Референдум и само со истиот правен механизам тоа може да се смени! Глас за Македонија најавува политичка кампања која ќе води кон поништување на сите одлуки на Собранието спротивни на Уставот, со кои се менува името на државата, а со тоа, се посега по националниот идентитет и меѓународната позиција на Република Македонија.