Грчката актерка и пејачка Ирене Папас, којашто се стекна со светска слава во 1960-те години, меѓу кои култните „Гркот Зорба“ и „Топовите од Навароне“, почина во 96-та година од животот, соопшти во средата грчкото министерство за култура.
Нејзината 50-годишна кариера на филмот беше завршена со остварувањето на режисерот Џон Маден од 2001 година „Мандолината на капетанот Корели“, во кој глумеше крај Николас Кејџ и Пенелопе Круз, и со филмот на Маноел де Оливие од 2003 година „A Talking Picture“ во кој се појави покрај Катрен Денев и Џон Малкович.
„Гркот Зорба“, филмскиот хит од 1964 година во кој Папас играше со Ентони Квин и Алан Батс, особено беше забележан поради музиката на легендарниот покоен грчки композитор Микис Теодоракис.
Во политичкиот трилер „З“ од 1969 година на Костас Гаврас, чие дејствие беше сместено во Солун, играше вдовица на ликот кој го толкува Ив Монтан. Еден од нејзините најголеми успеси е главната улога во „Електра“, старограчката трагедија на Еврипид која во 1962 година ја режира Михалис Кукојанис.
„Величествена, импресивна, динамична, Ирене Папас беше отелотворување на грчката убавина на филмското платно и на сцената, меѓународна ѕвезда која зрачеше со грчката душа. Со моќта на талентот и шармот на својата посебност го покори светот на филмот и театарот“, изјави грчката министерка за култура Лина Мендони.
Папас последните години боледувала од Алцхајмеровата болест. Министерството за култура не објави кога точно починала.
Родена е во село кај Коринт на Пелопонез, во семејство на учители. Се мажеше двапати, а за Марлон Брандо изјави дека бил „страста на нејзиниот живот“. Првпат се сретнале во 1954 година во Рим, а последниот пат се виделе во 1999 година во Атина.