Грчки медиуми: ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува удобна победа на изборите

Грчките медиуми пишуваат дека на изборите во недела се очекува удобна победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Никола Груевски.

Повикувајќи се на „политички аналитичари во Скопје“, весникот „Та Неа“ пишува дека „се очекува на изборите во недела коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само да го потврди резултатот од последните парламентарни избори во јуни 2011 година кога освои 56 пратенички места, туку и да го зголеми бројот на евентуални 62 пратеници, што би значело самостојност во македонскиот Парламент кој брои 123 места“.

Според весникот, се очекува опозициската коалиција предводена од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) на Зоран Заев да добие помалку гласови во споредба со последните парламентарни избори на кои освои 42 места во Парламентот.

Исто така весниците потсетуваат дека во недела ќе се одржи вториот круг од претседателските избори на кои Иванов „речиси сигурно ќе обезбеди уште еден мандат“.