Грчки печат за “Пуч”: Груевски направи криза со инсистирањeто за македонска нација и за Република Македонија

Прикажувањето на тезите на Зоран Заев и СДСМ како апсолутна вистина и натаму доминира меѓу коментарите на грчките медиуми и интернет портали за скандалот што ја тресе најголемата опозициска партија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

“Груевски ги шпионирал и своите министри”, тврди порталот “Defence point” во насловот на текстот посветен на “Пуч”. Истот портал неодамна коментираше дека проблемот во пошироки рамки е тоа што Западот негодувал зашто премиерот Никола Груевски инсистирал на идеологијата на македонизмот.

И други грчки медиуми ја потенцираа тезата дека зад  “Пуч” се крие фактот што владата на ВМРО- ДПМНЕ инсистира на Република Македонија и на македонска нација, но и на референдум како единствен начин за одлучување за евентуалното решение со Грција.

Последното издание на грчкиот весник “Парон” коментира дека Груевски го обвинил Заев дека е инструмент на странските служби за спроведување мрачни сценарија во Македонија, но дестабилизацијата ја предизвикал премиерот Груевски со заштитата на уставното име и идентитетот, поради што евро-атлантската интеграција на Македонија била замрзната.

“Господинот Груевски сега разбира дека дури и албанските партии, со кои што се во коалиција, притискаат се поотворено за компромис на прашањето за името, не само за постигнување на евро-атлантски пристап, туку и затоа што секое име кое што ќе биде одредено со географска одрадница ќе биде во интерес на албанскиот елемент, кој што сега исчезнува во вештачката хомогенизија под името Република Македонија и Македонска нација”, пишува “Парон” во анализата за “Пуч”.

Грчките медиуми информираат дека токму поради тоа што Груевски не и попушта на Грција, а тие ставаат вето во НАТО, западните сили решиле да го турнат Груевски од власт. САД се решени да не дозволат понатамошно руско влијание на Балканот во период кога им треба максимална територијална и политичка поддршка од балканските земји, анализира грчкиот печат.

„Непопустливоста на „Скопје“ кон Грција ги чини скапо, затоа што цената е меѓународна изолација и дипломатски неуспех во приклучувањето кон НАТО и ЕУ”, пишува во колумната на весникот “Kontra news”.

„Соединетите Американски Држави веќе неколку години тежиштето го имаа ставено во Азија, а балканските прашања ги сместија на задното седиште. Сепак, се чини дека тие сега се обидуваат да не го дозволат руското влијание и решија да преземат акција, а првата работа што треба да ја направат во Скопје е да го отстранат Груевски од власт“, се вели во анализата на економскиот електронски магазин „Ворија“.

Сепак, усвојувањето на Резолуцијата за Македонија со која што Европскиот Парламент по деветти пат ќе побара старт на преговорите со Унијата, во грчката јавност се претставува како неуспех за Грција. Весникот “Демократија” коментира дека ова било подмолен и предавнички удар за Грција од страна на Европарламентот бидејќи во извештајот се споменува зборот Македонија и нејзин дериват. Се изразува и незадоволство за усвојувањето на одлуката и покрај, како што велат, силното противење на грчките европарламентарци, кои што антимакедонските аргументи ги базираа врз конструкциите од нелегално снимените разговори, објавени од Заев и СДСМ.

Наспроти ова, речиси сите грчки весници и интернет портали вчера ја пренесоа и веста за предвременото отплаќање на кредитот кон ММФ во износ од 174 милиони евра, коментирајќи дека Грција се бори со празен буџет и се подготвува за нов заем, додека македонските власти го исплаќаат кредитот 13 месеци пред крајниот рок.