Грчки танкер нападнат во Црвеното Море, осомничени се Хутите

Танкерот „Сунион“ под грчко знаме бил нападнат додека патувал низ Црвеното Море, а постои сомневање дека нападот го извршиле јеменските бунтовници Хути, соопшти британската војска.

Напаѓачите пукале со пешадиско оружје од мали чамци, а нападот се случил на околу 140 километри западно од пристанишниот град Ходеида, кој е под контрола на јеменските бунтовници, соопшти поморскиот оперативен центар на војската на Велика Британија.

Три проектили го погодија танкерот, а екипажот соопшти дека нема жртви, се додава во соопштението.

Tanker Sounion спаѓа во опсегот на танкери со средна големина, долг е 274 метри и широк 50 метри. Хутите веднаш не ја презедоа одговорноста за нападот.

Последните три напади, вклучително и денешниот, беа насочени кон бродовите на грчката компанија „Делта тенкерс“.

Хутите досега гаѓаа повеќе од 80 бродови со проектили и беспилотни летала од почетокот на војната во Газа во октомври.

Бунтовниците тврдат дека цел биле бродови поврзани со Израел, Соединетите Американски Држави или Велика Британија за да принудат прекин на израелската војна против Хамас во Газа. Сепак, повеќето од нападнатите бродови немаат никаква врска со конфликтот.

Хутите лансираа и беспилотни летала и проектили кон Израел, а во нападот врз Тел Авив на 19 јули, едно лице загина, а 10 беа ранети. Израел одговори следниот ден со воздушни напади во Ходеида кои погодија складишта за гориво и електрични станици, убивајќи и ранувајќи неколку луѓе, според бунтовниците.