Грција денеска ги отвора регионалните аеродроми, дел од копнените гранични премини и дел од пристаништата за туристи од Европската унија, од Шенген зоната, како и за државјаните на третите земји, кои се најдоа на листата што вчера ја соопшти ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
За македонските државјани, границите кон Грција и понатаму ќе бидат затворени до 15 јули 2020 година, со оглед на тоа дека јужниот сосед се води според одлуките на европско ниво.
„Грција, следејќи ја европската препорака, ја проширува можноста за влез во земјата и за постојаните жители на следните трети земји (листата ќе се ажурира на 15 дена): Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Канада, Мароко, Црна Гора, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Руанда, Србија, Уругвај, Тајланд, Тунис, Кина (ќе се разгледа врз основа на взаемност)“, соопшти вчера портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.
Во однос на копнените граници, на граничните премини со Северна Македонија, Албанија и Турција дозволени се преминувања само за есенцијални причини, односно за членови на семејства на европски државјани, вработени во здравствениот сектор, лица кои се грижат за стари лица, сезонските работници во земјоделскиот сектор, вработените во транспортот, дипломати, меѓународен воен персонал, хуманитарни работници кои се на должност, транзит патници, патници кои патуваат од неопходни семејни причини, студенти.
На границата со Бугарија, туристите ќе можат да влегуваат во Грција само преку граничниот премин Промахонас, како што беше и досега.
Од денеска отворени се седум копнени гранични премини, еден со Северна Македонија (Евзони) и по два со Албанија, Бугарија и Турција.
Листата со трети земји важи и за меѓународните летови на аеродромите во цела Грција, односно и за авионскиот транспорт, продолжува да важи забраната за македонските државјани.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција издаде нови упатства, според кои забраната за влез на државјани од земји кои не се во ЕУ, продолжува да важи до 15 јули 2020 година. Исклучок се државите од европската листа.
Освен атинскиот аеродром кој воопшто не беше затворен за време на карантинот и солунскиот што беше отворен на 15 јуни, од денеска дозволени се меѓународни летови кон сите аеродроми во Грција, а до 15 јули се забранети директните летови од Велика Британија и Шведска.
Во однос на морскиот меѓународен сообраќај, отворени се пристаништата во грчките градови Патра и Игуменица.
Туристите во Грција ќе доаѓаат без тест и без карантин, но ќе имаат обврска, најмалку 48 часа пред патувањето да имаат пополнето специјален образец „Passenger Locator Form (PLF)“, достапен на интернет страница https://travel.gov.gr/#/ .
Откако во неколку чекори ќе ги пополнат сите потребни податоци, што ќе добијат единствен баркод (QR code), според кој ќе се врши и селекција на патниците и кои ќе бидат тестирани за Ковид-19. Образецот во електронска или отпечатена верзија ќе треба посетителите да го покажат при пристигнувањето на граничниот премин, на аеродромот или на пристаништето.
Во зависност од кодот на секое лице, патниците или ќе бидат однесени во делот за тестирање или ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето кон нивната крајна дестинација, но ќе добијат информации и упатства од граничните службеници што ќе треба да направат во случај да им се појават симптоми, односно дека ќе треба да ја контактираат грчката Национална организација за јавно здравје.
Согласно баркодовите ќе се вршат и наменски тестови за ковид-19 на сите влезни точки во Грција, а секој оној кој ќе биде тестиран, потребно ќе биде да останат еден ден во самоизолација во хотелот или туристичкиот објект каде што ќе бидат сместени, сѐ додека да ги добијат резултатите од тестот. Доколку е негативен ќе го продолжат одморот. Во случај да е позитивен, 14 дена ќе бидат во државен карантин во специјално одредените хотели-карантини.
На копнените граници, предвидено е тестовите да ги вршат претставници на Националната организација за јавно здравје, додека пак на регионалните аеродроми на островите и на пристаништата на кои ќе пристигнуваат крузери, одговорноста ќе ја имаат здравствени лица од грчката војска.
По наредба на министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос во следните три месеци, 126 претставници на армијата ќе бидат распределени на 22 аеродроми и на четири точки во земјата за туристи од бродовите за крстарење.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, претставниците на војската ќе бидат надлежни за земање примероци за тест од патниците, а бројот на тестови, анализите и резултатите се во одговорност на Националната организација за јавно здравје и Министерството за здравство на Грција.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на вчерашната владина седница рече дека направиле најдобра можна подготовка за почетокот на туристичката сезона, додавајќи дека нема отстапки во прашањата поврзани со безбедноста и јавното здравје.
Официјална Атина, акцентот го става на безбедноста и заштитата на јавното и на туристите и на локалното население, но и на туристичките работници.