Грците кои живеат во странство, оваа година за првпат имаат можност да гласаат на парламентарните избори, без да биде потребно да се вратат во Грција, а гласачки места се отворени во 35 земји.
Гласањето во странство се одвива ден пред изборите во Грција, а за гласање се пријавени 22.855 лица во 85 градови низ светот. Грчките медиуми известија дека ковертите со гласачките ливчиња, авионски ќе бидат испратени во Грција, а ќе се отворат и гласовите ќе се пребројат в недела, откако ќе заврши гласањето и ќе се затворат гласачките места во земјата.
Во Грција во саботата е предизборен молк во пресрет на утрешните избори. Лидерите на партиите, синоќа ги одржаа последните предизборни митинзи – претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис одржа говор во центарот на Атина, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас говореше во Патра, а претседателот на ПАСОК Никос Андрулакис одржа митинг на Крит.
Нешто помалку од десет милиони граѓани, од кои 438.595 првпат, утре ќе можат да гласаат на парламентарните избори во Грција на кои учествуваат 36 партии, коалиции или самостојни кандидати.Предизборните анкети сугерираа дека надминување на цензусот од 3% за влез во парламентот ќе обезбедат шест партии, и дека најверојатно по изборите нема да се формира влада, туку ќе се оди на нови избори во јули, на кои првопласираната партија ќе добие бонус од 40 пратенички места.