Грчките медиуми ја оценија како провокација изјавата на Мицкоски: Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, ако не ви се допаѓа, одете во Хаг

Денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предизвика реакции во грчките медиуми, кои коментираат дека станува збор за „нова провокација од Северна Македонија“, дека идниот премиер „ја следи линијата на претседателката Сиљановска“, а веста вечерва е една од главните теми во онлајн изданијата на медиумите, јави МИА од Атина.

„Северна Македонија: Провокативен претседателот на ВМРО – Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, ако не ви се допаѓа да одите во Хаг“; „По Сиљановска, провоцира и Мицкоски: Ќе ја нарекувам мојата земја Македонија, ако сакате, одиме во Хаг“; „Христијан Мицкоски: Мое право е да ја нарекувам мојата држава Македонија – провокативни изјави на лидерот на ВМРО“; „Северна Македонија: Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, вели претседателот на ВМРО“; „Северна Македонија: нова провокација од премиерот: Ќе ја нарекувам мојата земја, како сакам“, се дел од насловите во грчките медиуми, кои главно го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА. 

Во текстот под наслов „Северна Македонија: И лидерот на ВМРО инсистира на терминот „Македонија“; АНА-МПА ја пренесува изјавата на Мицкоски и ставот дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа нека се обрати до Меѓународниот суд“.

-Исто така рече дека во комуникацијата во институциите и меѓу институциите на неговата земја ќе се користи уставното име, но во изјавите пред новинарите или во говорите негово индивидуално право е да ги користи термините „Македонија и македонско“ и поттикнува истото да го стори и претседателката на државата, пишува грчката новинска агенција, која паралелно го цитира Мицкоски во делот во кој вели дека и тие исто како и Нова демократија не го сакаат Договорот.

– По провокативниот став на претседателката на Северна Македонија и претседателот на радикално десничарската ВМРО, Христијан Мицкоски, кој како што се чини ќе биде нов премиер на државата, ја задржа истата линија, прекршувајќи го Договорот од Преспа, коментира информативниот портал „Ин“. 

Во продолжение, повикувајќи се на изјавата на Мицкоски објавена на МИА, пишува дека го пренесува ставот на лидерот на ВМРО дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа, постои Меѓународниот суд“.

Онлајн изданието на весникот „То Вима“ коментира дека „Мицкоски не гледа никакво прекршување на Договорот од Преспа“ и исто така детално ги пренесува изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер.

Паралелно, медиумите во Грција го цитираат и ставот на Мицкоски дека очекува да се види со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.