Повеќе од 30 новинари и административен персонал останаа без работа во Грција откако денеска прекина со работа грчкото издание на Sputnik, по одлуката на Европската унија да ги забрани руските државно спонзорирани меѓународни медиуми RT и Sputnik Спутник.
Здруженијата на грчките новинари и фоторепортери, како и Здружението на странски дописници во Грција изразија поддршка до вработените во Sputnik, кои, пак, преку соопштение велат дека одеднаш, останаа без „глас“ и работа.
„Грција на ‘демократијата’, Европа на ‘правата и слободата’ го затворија Sputnik. Меѓу нив и Sputnik што функционираше во Грција во кое беа вработени новинари, репортери, административен персонал и секој ден со страст и верба макотрпно работеа за информирање на сите#, соопштија вработените во, како што напишаа, „последниот текст на редакцијата“.
Додаваат дека „под изговор дека ќе ја прекинат „пропагандата“, европските институции и влади покажуваат што навистина сакаат: тие да контролираат што ќе се емитува, кои вести се правилни и кои треба да се скратат, да исчезнат“. Здруженијата на грчките новинари и грчките фоторепортери, како и Здружението на странски дописници во Грција, во заедничкото соопштение велат дека „стотици вработени во руската агенција Sputnik ширум Европа, од кои 32 во Грција, беа известени дека нивните канцеларии се затвораат и остануваат без работа“.
„Новинарите и медиумските работници се првите жртви на необјавената, но видлива војна против информирањето. Незамисливо е медиумите да бидат вклучени во апсолутно оправданите санкции против една војна“, пишува во заедничкото соопштение на трите здруженија.
Додаваат дека одлуката на Европската комисија ќе има спротивен ефект и освен цензурата, како последица ќе има и таргетирање на новинарите.
„Ги повикуваме, дури и во овој последен момент како европските институции, така и владите да имаат предвид дека покрај огромниот удар врз слободата на изразување и демократијата, потпишуваат и губење на стотици работни места“, коментираат Здруженијата на грчките новинари и фоторепортери и Здружението на странски дописници во Грција