Грција ја запре продажбата на пристаништето Александрополис

Грција ја запре приватизацијата на пристаништето Александрополис и реши дека ќе остане во државна сопственост, имајќи предвид дека станува збор за премногу вредна сопственост за да се откаже, изјави премиерот Киријакос Мицотакис.

„Владата реши дека во актуелните околности Александрополис е многу стратешки, геополитички и енергетски многу важен за нашата земја и дека треба да остане под јурисдикција на грчката држава“, изјави Мицотакис во понеделникот вечерта за телевизијата ANT1.

Грција во септември ги прими двете задолжителни понуди за 67 отсто од уделот во сопственоста на пристаништето, откако минатата во 2021 година во потесниот избор влегоа четири понудувачи.

Понуди доставија „Quintana Infrastructure and Developmenta“, преку „Liberty Port Holdings Single Member“ и „International Port Investments Alexandroupolis“, заедничко вложување на „Black Summit Financial Group“, „Euroports“, групацијата EFA и „GEK Ternа“.

Алескандрополис (Дедеагач) се наоѓа на северот од Грција, во близина на границите со Бугарија и со Грција, и на 300 километри источно од Солун.

Во план е градење пловечко складиште за гас и погон за претворање во течен гас, што се смета за клучно за Европската унија во енергетската криза предизвикана со настојувањата да се исклучат енергенсите од Русија и западните антируски санкции поради војната во Украина.

Од почетокот на војната во Украина, пристаништето Александрополис се користи и како една од поморските рути за испраќање воена опрема од НАТО во земјите од источното крило преку Бугарија и Романија.

Комисијата на грчката Агенција за приватизација ќе се сретне во четвртокот за да го разгледа прашањето за судбината на пристаништето и следните чекори во нејзиниот развој, соопштија од агенцијата.