На важноста на вакцинацијата од грип и Ковид-19 се осврна министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис на денешната вонредна прес-конференција, а паралелно соопшти бришење на паричните казни за невакцинираните граѓани над 60-годишна возраст, изречени на почетокот на процесот на имунизација.
Неговата заменичка, Ирини Агапидаки, претседателот на Националната организација за јавно здравје, Христос Хаѕихристодулу и професорката по пулмологија Анастасиа Котаниду, одржаа вонредна прес-конференција поврзана со инфекциите на респираторниот системи и истакнаа дека вакцината против Ковид-19 сега веќе е годишна вакцина, исто како и за грипот, а мнозинството од оние кои починале, биле невакцинирани.
Георгиадис соопшти дека ќе се користат сите канали за вакцинација на граѓаните, а нивната намера е имунизацијата против Ковид-19, доколку постои можност, да се врши и во аптеките, како што е случај со вакцината против грип, објави МИА.
Тој посочи дека на почетокот на имунизацијата, поради реакциите „се поделивме на ваксери и антиваксери, се каравме“, но потенцираше дека денеска раководството на Министерството за здравство, едногласно одлучило дека „овој период на идеолошки, политички конфликт за вакцините дојде време да заврши“.
– Во рамките на помирувањето и на завршувањето на меѓусебниот конфликт, донесовме одлука со заменик-министерката, ѝ препорачавме на Владата и барањето беше прифатено да доставиме законска регулатива за да ги избришеме казните за повозрасните, кои беа казнети за време на пандемијата.
Подаваме маслиново гранче кон оној дел од општеството што имаше толку силни реакции. Вакцинацијата не може да се спроведе со сила, туку треба да се направи затоа што е потребна, истакна Георгиадис.
Пред точно две години, во јануари 2022 година стапи во сила одлуката за задолжителна вакцинација на лицата над 60 години, а за невакцинираните, предвидена беше казна од 100 евра месечно.
Министерот за здравство на Грција објасни дека вакцината против Ковид-19, не е ништо повеќе од уште една од многуте вакцини што ги примаме во текот на животот, најави дека Министерството за здравство ќе спроведе голема кампања за да го убеди „и најскептичниот граѓанин за важноста на вакцинацијата за јавното здравје“, со цел да се зголеми имунизациската покриеност.
Заменик-министерката за здравство соопшти дека во земјата работат 657 центри за вакцинација, 210. 000 граѓани се вакцинирале против Ковид-19, а закажани се 60. 000 закажани термини.
Професорката Котаниду објасни дека засега, притисокот врз здравствениот систем е мал и посочи дека од 90 пациенти хоспитализирани на интензивна нега, само двајца се вакцинирани.
За ситуацијата со Ковид-19 во земјата, претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција, објасни дека состојбата се стабилизира, за една до две седмици ќе биде достигнат пикот и посочи дека од 1.028 почнати од септември до сега само двајца биле вакцинирани.