Грција, Бугарија и Кипар заеднички во борбата против мигрантите

Истакнување на европската димензија на големиот мигрантски предизвик со кој што се соочуваат земјите членки на унијата од источниот Медитеран; подигнување на свеста и активирање на европските институции за зголемените, континуираните и несразмерните мигрантски предизвици за трите земји и преземање конкретни мерки од ЕУ во рамките на солидарноста, одговорноста, праведна распределба на товарот и враќање на мигрантите во трети земји, се целите на заедничката иницијатива на Грција, Бугарија и Кипар, покрената од Атина, под наслов “Eastern Mediterranean Migration Route Initiative (EMMRI)”, што ќе биде официјално презентирана на Советот на министрите за правда и внатрешни работи на ЕУ на 7 и 8 октомври во Луксембург, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштуваат од Министерството за цивилна заштита на Грција, кое е надлежно за мигрантската политика, станува збор за прва иницијатива на земји членки на унијата што се во првата линија во источниот Медитеран.

-Карактеристично е дека според неодамнешните извештаи на Европската комисија и Европската служба за надворешни активности, меѓу 19 август и 1 септември, биле регистрирани 1133 пристигнувања преку рутата на западен Медитеран, 1369 преку централниот Медитеран и 4879 преку источниот Медитеран. Оваа тенденција продолжува и денес, соопштуваат од грчкото министерство.

Дополнително, Грција, Бугарија и Кипар бараат ефективно спроведување на Договорот ЕУ-Турција од 2016 преку искоренување на мрежите на криумчари, спречување и пренасочување на мигрантските бранови кон Европа и земјите членки и ефективно депортирање на мигранти.

Паралелно, трите земји бараат и дополнителни средства од буџетот за периодот 2021-2016 за справување со бегалското/мигрантското прашање.

Алтеранитвниот министер за цивилна заштита на Грција, надлежен за мигрантска политика, Јоргос Кумуцакос, вели дека со оваа иницијатива, “Грција презема водечка улога за заедничко формирање на ефективна европска мигрантска политика”.

-По грчка иницијатива, за првпат се формира трилатерална соработка за мигрантското прашање меѓу земјите на првата линија на ЕУ во источниот Медитеран. Грција, Кипар и Бугарија координирано интервенираат до европските партнери и европските институции за практична поддршка за овие земји со: повеќе европска солидарност и одговорност, поправедно распределување на товарот, ефективен европски механизам на враќања и на крај, целосно спроведување на заедничката изјава ЕУ-Турција од сите инволвирани страни, вели Кумуцакос.