Американската агенција за кредитен рејтинг Стандард и Пурс ја надгради грчката економија, доделувајќи и инвестициски степен, нешто што го очекуваше и го поздрави грчката Влада, јави МИА од Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку социјалните мрежи истакна дека надградбата претставува „уште еден официјален печат на закрепнувањето на грчката економија“ и дека Грција дефинитивно ја остави зад себе долгогодишната криза.
– Враќањето на инвестицискиот степен на нашата економија не беше нешто што се подразбираше, ниту беше лесно. Но, сепак, веќе е реалност, како што лично се обврзав. Опиплив доказ дека со план и работа земјата оди напред, напиша Мицотакис.
Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис рече дека Стандард и Пурс е четвртата агенција за рејтинг по ред и втора признаена од ЕЦБ што во последните месеци, по 13 години, ѝ додели инвестициски степен на Грција.
Од друга страна, лидерот на опозициската СИРИЗА Стефанос Каселакис преку социјалните мрежи коментираше дека инвестициската оценка „ќе биде рекламирана како „многу посакувана“ од владината пропаганда“, но се стреми кон осиромашување на граѓаните и се базира на „здравството што пропаѓа, образованието што не функционира, јавната инфраструктура што се распаѓа, на работничките права што се газат и на опаѓањето на реалниот приход“.