Грција ќе ѝ врачи протестна нота на Србија поради падот на авионот

Kavala, Greece, July 17, 2022. REUTERS/Stringer

Грција официјално ќе ѝ врачи протестна нота на Србија, откако на нејзина територија падна авиони со воен товар кој полетал од српска територија, изјави во понеделникот функционер на грчкото министерство за надворешни работи.

Грчкиот амбасадор во Белград „веднаш ќе врачи протестна нота“, бидејќи навремено не ја известил Атина за транспортот на опасниот товар.

Загинаа сите осум членови на екипажот на транспортниот авион од моделот „Антонов Ан-12“, во сопственост на украинска компанија „Meridian Air Cargo“, за која има информации дека наводно е во американска сопственост, кој во саботата вечерта полетал од Србија за Јордан. Утврдено е дека авионот пренесувал повеќе од 11 тони оружје, со крајна дестинација во Бангладеш.

Пилотот побарал итно слетување поради проблем со едниот мотор, но набрзо сигналот на авионот е загубен. Снимки објавени на грчките телевизии покажуваат дека авионот во пламен брзо понирал пред да удри во земјата, а изгледа како да се случила експлозија.

Товарниот авион кој полетал од Ниш со оружје и муницијата се урна во близина на североисточниот грчки град Кавала, по што според локалното население се појавил пламен со остар мирис.

Рутата на летот на авионот прикажана на интернет страницата Flightradar24 покажува дека леталото стасало до северен Егеј близу полуостровот Халкидики пред да се сврти за 180 степени и да се упати кон Кавала.

Жителите во областа на падот на авионите беа евакуирани, ангажирани беа стручњаци за експлозиви за што поскоро деконтаминирање на теренот.