Грција во вторникот ги отфрли обвинувањата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ дека не е правна држава и дека ги третира уапсените хрватски навивачи „како кон плевел“, велејќи дека овие изјави не помагаат да се смири ситуацијата до којашто дојде по убиството на грчки навивач во Атина.
Деведесет и осум навивачи на Динамо Загреб беа уапсени откако 29-годишен навивач на АЕК беше убиен минатата недела во насилство пред натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите. Во понеделникот Милановиќ изјави дека хрватските навивачи во Грција се заробени како да е војна и дека односот на грчките власти кон нив нема врска со правото, демократијата и почитувањето на човековите права.
„Изјавите кои ја искривуваат реалноста не помагаат во постојните околности“, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи како одговор на новинарско прашање за изјавите на Милановиќ.
Официјална Атина вели дека Грција и Хрватска од почеток комуницирале за новонастанатата ситуација.
„Владеењето на правото во Грција функционира. Независното грчко судство ќе одлучува непристрасно и објективно во овој случај, почитувајќи ги основните права на лицата кои се во привремен притвор. Грчката држава секогаш гарантира почитување на законитоста и интегритетот на оние кои се во затвор“, соопшти министерството во Атина.
Група од 98 хрватски државјани се товарат за единаесет кривични и прекршочни дела, а посебен акцент е ставен на истрагата за убиството на навивачите на АЕК, за кое се осомничени Хрват, Албанец и тројца Грци.
Родителите на уапсените се пожалија на постапките на грчките власти и побараа помош од хрватските власти, меѓу кои и Милановиќ.
„Тоа не е правна држава! Овие луѓе се третираат како воени заробеници. Ова е на границата на воениот закон. Тие ги третираат како заробена единица. Тоа нема никаква врска со демократијата, со почитувањето на човековите права. Ако денес е ЕУ, подобро е да не постои“, коментираше Милановиќ.