Грција го продолжи „затворањето“, Шпанија надмина 70.000 жртви, Франција со помали бројки но повеќе хоспитализации

Грција во средата објави дека „затворањето“ поради коронавирусот повторно ќе го продолжи, како и дека ќе бидат воведени построги мерки бидејќи земјата минува низ најтешкиот период од пандемијата, додека Шпанија го надмина прагот од 70.000 почината од Covid-19, иако ситуацијата во оваа земја се подобрува, а помали бројки бележи и Франција која е загрижена поради сѐ поголемиот број заболени млади луѓе.

Во Грција „затворањето“ е на сила од 7-ми ноември 2020 година, а во средата забележа најголем дневен раст на новозаразените со 2.700 потврдени коронаинфекции, објави министерот за здравство Василис Кикилијас.

„Се наоѓаме во најтешкиот период од пандемијата. Со ваквиот ритам на новите хоспитализации здравствениот систем ги мина своите ограничувања на персоналот и инфраструктурата“, изјави Кикилијас за медиумите додавајќи дека изминатите седмица атинските болници биле под „неиздржлив притисок“ и предупреди на „значителниот број“ заразени со британскиот сој на коронавирусот.

Затворањето на национално ниво во Грција веќе беше продолжувано неколкупати. Последниот круг кој требаше да истече на 8-ми март, но е продолжен најмалку до 16-ти март и од четврткот е заострен со забраната за напуштање на својот округ.

Во средата во Грција како последици од компликациите кои ги предизвикува Covid-19 починаа уште 40 лица, со што вкупниот број смртни исходи од почетокот на пандемијата во земјата со 11 милиони жители се искачи на 6.600 луѓе.

Од почетокот на пандемијата грчките здравствени власти потврдија околу 200.000 случаи на зараза со коронавирусот, а досега се вкацинирани над 950.000 луѓе.

 

Шпанија мина над 70.000 жртви од Covid-19

Бројот на починатите од Covid-19 во Шпанија, пак, во средата надмина седумдесет илјади, по најсмртоносниот месец од првиот бран на коронавирусот, меѓутоа епидемиолошката ситуација во земјата се подобрува, особено во домовите за стари и немоќни лица во кои започна вакцинирањето. Од 70.000 починати од коронавирусот, дури 30.000 починале во домовите за стари и немоќни лица.

Шпанското министерство за здравство во средата објави дека во последните 24 часа полинале уште 446 лица. Во февраури вкупно починале 10.528 луѓе. Но Шпанија во последните две седмици има 159 новозаразени на 100.000 жители, додека кон крајот на февруари овој показател изнесуваше 900 заразени на дневно ниво.

Падот на бројот на починатите и заразените се совпаѓа со почетокот на вакцинирањето од средината на јануари, кога штитениците на домовит почнаа да ја добиваат и втората доза со вaкцината. Во Шпанија засега две дози примиле повеќе од 1,2 милиони жители, а владата на премиерот Педро Санчез има намера до крајот на летото да вакцинира 70 отсто од 47-милионското население.

 

Франција ги намали бројките, но ги полни одделите за интензивна нега

Франција во средата пријави 26.788 нови случаи на заразата, што претставува значителен пад во односот на рекордот за 2021 година поставен минатата среда од 31.519 новозаразени во едно деноноќие. Меѓутоа, од друга страна сѐ пооптоварени се одделите за интензивна нега, со раст на втојот на младите пациенти.

Осми ден со ред бројот на новозаразените е поголем од 21.000, а вкупниот број заразени со коронавирусот од почетокот на пандемијата достигна 3,81 милиона. Вкупниот број починати со денешните 322, се искачи на 87.542 луѓе во земјата која има 67 милиони жители.

Бројот на пациентите примени во болниците паѓа, но се зголемува бројот на оние кои треба да бидат хоспитализирани на одделенијата за интензивна грижа. Сега на овие оддели има 3.637 пациенти, што е најмногу од крајот на ланскиот ноември.

Неколку лекари од овие оддели за француските медиуми изјавија дека примаат сѐ повеќе млади луѓе, имајќи предвид дека повеќето стари лица особено во старечките домови се вакцинирани.

Владата порача претходно дека намалувањето на пациентите на одделите за интензивна нега под 3.000 е еден од условите за ублажување на мерката полициски час.