Грција го укинува задолжителниот ПЦР тест за влез во земјата

Од понеделник, Грција ја укинува мерката воведена на 19-ти декември 2021 година, за задолжителен ПЦР/рапид тест и за вакцинираните и за невакцинираните патници за влез во земјата, мерка што важи и за нашите државјани.

Министерот за здравство, Танос Плеврис, претпладнево рече дека за оние кои имаат валиден европски сертификат нема да биде потребен тест за патување во Грција.

-Од понеделник 7 февруари влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест, изјави Плеврис.

Како што е пракса во Грција, сите правила за патување во земјата детално ќе бидат објаснети во министерската одлука што ќе биде објавена во Службен весник.

Последната министерска одлука од 24-ти јануари е во сила до понеделник во 6 часот наутро и предвидува задолжителен негативен тест ПЦР или рапид тест за сите патници без разлика на националноста и начинот на влез во земјата и независно дали се вакцинирани или не.