Полициски екипи на велосипеди од денеска ќе им пружаат секаква помош на туристите кои ќе летуваат во познатата туристичка област Халкидики во Грција. На Халкидики секоја година има многу туристи од Македонија.
Владата на јужниот сосед ова го одреди како дел од мерките за спасување од опасните горештини кои ќе бидат присутни во следниот период.
Први екипи на полицајци на велосипеди беа распоредени во Катерини. Министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис најави дека во туристичките центри ширум Грција, полициски екипи ќе работат од утро до вечер движејќи се на велосипеди.
Покрај тоа што ќе одговораат на потребите на туристите за заштита од летните горештини, полицајците исто така ќе бидат ангажирани и за различни криминални активни, од приведување на крадци, до хулиганство, како и почитување на уредбата за слободен пристап до плажите.
Министерот нагласи дека во многу туристички центри во текот на летото се случуваат многу кривични дела, но и дека полицијата презема мерки да ги елиминира.
Во следните денови во Грција се очекуваат опасни горештини. На туристите им се препорачува да не излегуваат на отворено во текот на пладневните часови, и да избегнуваат секакво изложување на сонце.