Грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу, во пресрет на посетата на Белград изјави дека ставот на нејзината земја, која не ја призна независноста на Косово, останува ист, без тенденција за промена. Таа порача и дека ЛНГ терминалот во Александропулос, што ќе биде пуштен во употреба на крајот на годината, ќе им помогне на Србија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, па дури и на Украина, да ја намалат и да ја елиминираат зависноста од рускиот природен гас, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ставот на Грција, една од ретките членки на ЕУ што не ја призна еднострано прогласената независност на Косово, останува ист. Во исто време, Грција, покрај добро познатиот став за статусот на Косово и верна на нејзината политика на Западен Балкан, следи прагматичен и конструктивен пристап во однос на Косово, кој има за цел зајакнување на стабилноста и безбедноста, како и севкупен исчекор кон ЕУ интеграција на целиот регион, што и е наша стратешка цел, изјави Сакеларопулу.
Таа кажа дека „интеграцијата на регионот на Западен Балкан во ЕУ е корисна инвестиција од стратешка природа, како за земјите-членки на ЕУ, така и за партнерите од Западен Балкан“.
„Ова е ставот што Грција постојано го застапува и промовира со децении. ЕУ не е целосна без Западен Балкан, рече Сакеларопулу.