Грција планира да се „отвори“ во мај

Грчкиот министер за туризам Харис Теохарис, изјави денеска дека целта на земјата е да ги отвори границите за странски туристи на 14 мај оваа година.

Тој изразил надеж дека нема долго да се чекаат на добри вести и дека таа земја наскоро ќе биде во прилика да објави протоколи по кои ќе се одвива туризмот во Грција.

„Целта е да го угостиме секој патник кој е сертифицирано, здрав. Односно секој турист кој е вакциниран или кој има негативен тест на Ковид-19, или има антитела на вирусот. Ќе објавиме насоки на патниците кои стигнуваат во нашата земја. Истовремено очекуваме да постигнеме вакцинација на врботените во туризмот, како и спроведување на чести прегледи“, рече Теохарис и додаде:

„За да влезете, ќе ви треба или вакцинација, или негативен ПЦР-тест, или потврда за присуство на антитела, додека Атина ја признава руската вакцина Спутник V заедно со другите европски.“

Моментално Грција е затворена за патници од трети земји. Во таа земја смеат само патници од ЕУ и тоа само од одредени пристаништа, аеродроми и од граничниот премин со Бугарија „Промахонас“.

И премиерот Кирјакос Мицотакис изрази уверување дека Грција престојната сезона ќе биде подготвена за прием на туристите кои ќе решат одморот да го поминат во земјата.