Грција преместува стотици баратели на азил од преполн камп

Грчките власти почнаа во понеделникот да преместуваат стотици баратели на азил од кампот на островот Лезбос во кој се наоѓаат околу четири пати повеќе луше отколку што е предвидено со сместувачките капацитети.

Повеќе од 11.000 мигранти и бегалци од Блискиот исток, Азија и Африка, се наведуваат во Морија, најголемиот мигрантски камп на територијата на Европската унија. Околу 635 лица, повеќето семејства, со патнички брод се префрлуваат кон северна Грција, а уште стотина ќе го напуштат кампот во текот на денот.

Преместувањето на барателите на азил од островскиот камп на копното е дел од владините мерки најавени на 31-ви август. Сите пет грчки официјални кампови за прифаќање на бегалците на островите се пренатрупани. Морија, поранешната воена база е на ударот на критиките на хуманитарните оганизации поради бедните животни услови. Во Морија во моментов се сместени најголем број имигранти во последните три години, а насилствата се сѐ почести. Авганистанско момче беше убиено во тепачка во август, а жените велат дека не се чувствуваат сигурни.

За време на викендот грчката крајбрежна служба, во неколку одвоени случаи пронашла и спасила околу 200 бегалци и мигранти кои од турското крајбрежје стигнале на грчка територија. Во текот на неделата, до попладневните часови, во два случаја во северниот морски дел на Лезбос биле спасени вкупно 99 бегалци и мигранти кои биле пренесени на пристаништето во Митилини на грчкиот остров. Во саботата, исто така, северно од Лезбос во чамец се откриени 50 бегалци и мигранти. Од грчката крајбрежна служба, доцна синоќа соопштија дека во саботата во близина на Пелопонез бил забележан сомнителен чамец што пловел под турско знаме. По истрагата, било откриено пренесување на 19 патници, меѓу кои три деца, веројатно сите бегалци и мигранти и биле уапсени две лица што управувале со јахтата под сомнение дека се криумчари.

Грција покрај Италија е главната дестинација во ЕУ за барателите на азил од Сирија, Авганистан и Ирак. Од вкупно 65.000 мигранти кои пристигнаа на сеерниот брег на Медитеранот годинава, повеќе од половината од нив стасаа во Грција. Овие бројки се мали во споредба со речиси милион луѓе кои пребегнаа во северан Европа преку Грција во 2015 година до договорот меѓу ЕУ и Турција во 2016 година со што беше запрен нивниот проток.

Меѓутоа, сѐ уште се присутни големи притисоци во грчките објекти за сместување на мигрантите. Околу 7.000 луѓе во текот на август стасале до грчкиот брег, што е најголемата бројка откако е постигнат споменатиот договор. Само минатиот четврток во повеќе чамци стасаа околу 600 мигранти поради што министерствата за надворешни работи и за одбрана побараа вонредна владина седница. За да го сузбие приливот на мигрантие. Грција, исто така, планира зајакнување на пограничните контроли и да ги забрза депортациите на мигрантите на коишто им е одбиено барањето за азил.