Грција протестираше за убиството на двајцата етнички Грци во источна Украина

Грчкoто министерство за надворешни работи го повика во вторникот на разговор украинскиот амбасадор во Атина, Сергиј Шутенко, како „дипломатска мерка по тешкиот инцидент“ на истокот на Украина кој предизвика „смрт и повредување на припадници на грчката етничка заедница“.

Во неделата во источното украинското село Гранитно се случил вооружен инцидент во кој украински војници отвориле оган при што загинале војник и цивил, а уште две лица биле ранети.

Атина „изрази особена загриженост“ и „побара заштита на грчката заедница“ во областа, како и „спроведување истрага“ и „изведување на одговорните пред судот“, се наведува во соопштението на грчката дипломатија.

Министерството во понеделникот изрази жалење поради загинувањето на двајцата припадници на грчката заедница во кавга со украински војници на истокот на Украина, каде се распоредени сили под команда на Киев на линијата на раздвојувањето со одметнатите проруски региони.

Според податоците на коишто се повикува Атина, „сторителите на двојното убиство се тројца украински војници кои се вмешале во кавга со жртвите поради безначајна причина“.

Украинскиот амбасадор изразил „искрено сочувство на семејствата на жртвите“, велејќи дека причината за инцидентот не е „политичка, ниту има етнички карактер“, туку е „кривично дело од општото право.

Според информациите на амбасадорот, „двајца украински државјани се мртви, еден е припадник на грчката заедница“, а двајца се повредени, исто така, припадници на истата етничка дијаспора.

Амбасадорот Шутенко рекол и дека осомничените сторители на кривичното дело се уапсени и ќе бидат изведени пред суд, се наведува во соопштението.

Грчката автохтона заедница на истокот од Украина брои повеќе од 100.000 луѓе, а многумина се иселиле веднаш по распадот на некогашниот Советски сојуз, изјави грчкиот министер за надворешни работо Никос Дендиас во текот на посетата на областа кон крајот на јануари.