5.8 C
Skopje
четврток, ноември 14, 2024

Грција првпат бележи четирицифрена бројка коронаинфекции во еден ден

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 1.259 нови случаи на инфекции со новиот коронавирус, што е рекорден број новозаразени во еден ден и првпат бројката е четирицифрена.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, починати се 12 лица, 102 хоспитализирани пациенти се приклучени на апарати. Најмногу случаи од новите заразе се потврдени во обалста Атика, поширокиот регион на главниот град Атина – 295, и во Солун каде има 291 случај.

Од почетокот на епидемијата заразени се 32.752 лица, а регистрирани се 593 смртни случаи.

Меѓу позитивните е и министерката за образование на Грција Ники Керамеос, како што самата соопшти на нејзиниот твитер профил.

„Мојот сопруг имаше симптоми на Covid19 и се тестиравме двајцата. Резултатите и на двајцата се позитивни. Немам никакви симптоми и ќе бидам во изолација според упатствата на експертите“, напиша Керамеос на Twitter.