Грција: Штрајкови, протести и гнев поради железничката несреќа

Грчките железничари во петокот го продолжија штрајкот на два дена, а поради судирот на двата воза во кој загинаа 57 лица, главно студенти, зоври гневот во јавноста и најавени се и неколку други масовни протести.

Во вторникот вечерта во близина на градот Лариса, 534 километри северно од Атина, се случи несреќа кога брз патнички воз со повеќе од 350 патници кој патувал кон Солун се судри со товарен воз кој доаѓал од спротивна насока на истата пруга, потоа излетувајќи од шините и запалувајќи се.

Владата е под жестоки критики за состојбата на железничкиот систем. По несреќата покрената е истрага, а шефот на станицата е уапсен. Имено, истражителите се обидуваат да откријат зошто двата воза биле истовремено на истата пруга.

„Синдикатите со години предупредуваат на лошата состојба на железницата, но никој тоа не го сфати сериозно“, велат од главниот синдикат на железничарите, кои бараат средба и со новиот министер за транспорт Јоргос Герапетритис.

Герапетритис во четвртокот рече дека ја презема функцијата со задача да ја истражи најсмртоносната железничка несреќа во историјата на земјата, да го модернизира оштетениот железнички систем и да ја врати безбедноста на железницата.

Синдикатот бара точна временска рамка за имплементација на безбедносните протоколи, а поради тоа што двата воза биле на иста пруга, бараат посебни решенија за проблемите со одржувањето на возовите и неисправната сигнализација.

На местото на несреќата и во петокот работи тешка механизација, а со дигалки се отстрануваат уништените вагони.

Засега не се знае дали има уште и колку исчезнати лица. Надвор од болницата во Лариса, жена по име Катерина, чиј брат се уште не е идентификуван, извикуваше „Убијци, убијци!“, прикажуваат грчките медиум. Како и многу други, таа дала примерок од ДНК за да го најде својот брат.

Жената која во несреќата ги загубила сопругот и детето не дала ДНК. „Што ќе идентификуваат. Пепел?“, вели таа низ солзи.

Во Грција сѐ уште владее шок и неверување поради страшната несреќа, а семејствата и пријателите сакаат да знаат како можела да се случи таква несреќа. Нивниот гнев е насочен кон железничката компанија и владата, која поради несреќата прогласи тридневна жалост.

Повеќе протести беа најавени во петок околу пладне и навечер во Атина.

Катастрофалната железничка несреќа во Грција повторно го отвори прашањето за приватизацијата на грчките железници спроведена во 2017 година како дел од европскиот пакет помош за земјата, која тогаш балансираше на работ од банкротот и беше подложена на строги мерки за штедење.

Грчкиот национален железнички превозник „TrainOSE беше продаден на италијанскиот државен превозник „Ferrovie dello Stato“ за 45 милиони евра. Договорот за приватизација никогаш не беше објавен и единствено познато е дека Италијанците секоја година добиваа по 50 милиони евра за одржување на линиите. „TrainOSE“ под Италијанците го обезбеди правото да не исплаќа никаков надомест на патниците во случај на несреќа до 2024 година.